Со ревизорскиот извештај е опфатено работењето на МЕПСО во 2024 година и тој покажува дека компанијата, која остварува раст на приходите, истовремено се соочува со сериозни слабости во управувањето со човечките ресурси, имотот, инвестициите и со јавните средства. Наодите ги ставаат под прашалник ефикасноста на управувањето со една од најважните државни енергетски компании и начинот на кој се трошат јавните ресурси
Неправилности кај дури 65 отсто од нововработените, вработувања на позиции за кои кандидатите воопшто не аплицирале, експресни унапредувања и прераспределувања веднаш по засновањето работен однос, милионски трошоци за неискористени кредити и нерешени сопственички односи врз дел од клучната електропреносна инфраструктура се дел од наодите во конечниот ревизорски извештај за работењето на АД МЕПСО во 2024 година.
Државниот завод за ревизија констатирал сериозни пропусти во кадровската политика на државната компанија. Од 69 лица вработени преку јавен оглас, кај 45 се утврдени неправилности поврзани со исполнувањето на условите од огласот и систематизацијата. Ревизорите утврдиле дека за дел од кандидатите не биле исполнети условите за образование и работно искуство, а некои биле распоредени на работни места за кои воопшто не поднеле апликација. Дел од нововработените за само две недели биле прераспределени на други позиции, додека по истекот на изборниот процес, биле реализирани и дополнителни унапредувања. Кај одредени случаи било констатирано дека вработените не ги исполнувале ниту условите за новите работни места на кои биле распоредени, што директно влијаело и на нивните примања.
Ревизорите дополнително откриле неправилности и при контролата на персоналните досиеја, каде што биле евидентирани случаи на распоредување вработени без соодветен степен и вид на образование, без потребното работно искуство, како и пополнување работни места што веќе биле зафатени. Во извештајот се посочува дека од 2018 до август 2025 година, бил изменет Правилникот за систематизација дури 77 пати, без да биде изготвен пречистен текст, а 34 измени за зголемување на бројот на извршители биле донесени од генералниот директор, иако таквите одлуки се во надлежност на Управниот одбор.
Покрај кадровските пропусти, ревизијата отвора и сериозни прашања за управувањето со имотот на компанијата. Од вкупно 112 далноводи во електропреносната мрежа, за 59 МЕПСО не располага со имотни листови, а за 33 трафостаници што се во заедничка сопственост со ЕВН сè уште не се расчистени сопственичките односи. Во дел од случаите не може ниту да се утврди основот врз кој е стекнато правото на сопственост. Ревизорите предупредуваат дека поради неусогласените сметководствени евиденции, не може со сигурност да се потврдат бројот и вредноста на дел од далноводите и трафостаниците, што има директно влијание врз утврдувањето на тарифата за пренос на електрична енергија.
Дополнителен проблем, според ревизорскиот наод, претставува и евидентирањето на средствата и на инвестициите. Дел од завршените проекти, вредни над 1,2 милиони евра, не биле ставени во употреба, додека за други инвестиции недостигала документација врз основа на која би можела да се потврди нивната оправданост. Поради ваквата состојба, не била пресметана амортизација, што директно влијаело врз финансискиот резултат на компанијата.
Ревизорскиот извештај нотира и сериозни слабости во реализацијата на капиталните инвестиции. Иако во изминатите години МЕПСО спроведувала проекти за модернизација и ревитализација на електропреносната мрежа, степенот на реализација кај дел од нив се движи од само 9 до 62 проценти. Кај повеќе проекти се регистрирани пролонгирање на роковите и зголемување на вредноста на договорите. Најголемо поскапување од 51 процент е евидентирано кај проектот за ревитализација на далноводот Скопје 4 – Велес, додека рекордер по доцнење е проектот за реконструкција на далноводот Битола 1 – Прилеп, кој се реализира со задоцнување од пет години и осум месеци.
Особено загрижувачки се наодите за користењето на кредитните линии од меѓународните финансиски институции. Од одобрените 102,4 милиони евра заеми, повеќе од 53 милиони евра остануваат неповлечени. Поради бавната реализација на проектите, МЕПСО плаќа значителни износи за провизии и за камати. Само во 2024 година биле исплатени над 245.000 евра провизии за неискористени средства, а вкупниот износ на платени провизии, камати и надоместоци за одобрување на заемите достигнал речиси девет милиони евра, што претставува 8,8 проценти од вкупно одобрените кредити.
Како пример за неефикасно користење на заемите ревизорите го наведуваат проектот за изградба на далноводот Валандово – Милетково, за кој во јуни 2024 година бил одобрен заем од Европската банка за обнова и развој во вредност од 26,4 милиони евра. Иако средствата се обезбедени, изградбата сè уште не е почната, а веќе се платени повеќе од 155.000 евра за провизии поради неповлекување на средствата.
Извештајот укажува и на ризици за ликвидноста на компанијата. Побарувањата по основ на дадени заеми на други државни акционерски друштва достигнале околу 9,6 милиони евра и се повеќе од десеткратно зголемени во споредба со 2020 година, иако кредитирањето не е основна дејност на МЕПСО. Дополнително, 12 проценти од вкупните побарувања се постари од три години, а за дел од нив ревизорите не добиле објаснување зошто со години остануваат ненаплатени.
И покрај сите констатирани слабости, ревизијата покажува дека приходите од основната дејност – пренос на електрична енергија бележат раст, пред сè, поради зголемените тарифи за пренос. Раст е забележан и кај приходите од прекуграничните преносни капацитети, додека загубите во мрежата покажуваат тренд на намалување.
Ревизорите во извештајот потсетуваат и на сајбер нападот врз компанијата во 2024 година, кој привремено ги ставил надвор од функција дел од информатичките системи, но без последици врз снабдувањето со електрична енергија. Настанот, според нив, е предупредување дека е неопходно дополнително зајакнување на сајбер безбедноста на критичната енергетска инфраструктура.
Дополнителен аларм е состојбата со административната зграда на МЕПСО во центарот на Скопје. Иако за реконструкција и адаптација на фасадата во периодот од 2013 до 2018 година биле потрошени речиси 8,9 милиони евра, објектот претрпел оштетувања само неколку години подоцна и сè уште има потреба од санација. Ревизорите утврдиле и дека зградата била ставена во употреба без претходно извршен технички прием и без обезбедена употребна дозвола.
(С. Бл.)












