Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли критиките на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во врска со растот на јавниот долг, нагласувајќи дека актуелната Влада постигнала подобри економски резултати со значително помало задолжување. Во своето обраќање на седницата посветена на пратенички прашања, Мицкоски направи споредба меѓу економските показатели во текот на владите предводени од СДСМ и резултатите на актуелната Влада, посочувајќи дека јавниот долг во периодот од 2018 до 2023 година се зголемил од 4,78 милијарди евра на 8,47 милијарди евра, односно за вкупно 3,69 милијарди евра.
Од друга страна, според него, во изминатите две години јавниот долг е зголемен за околу 1,38 милијарди евра, што претставува речиси трипати помало задолжување во споредба со претходниот шестгодишен период.
– Кога зборуваме за јавниот долг, мора да се анализира и ефектот што го има тој врз економскиот раст. Неопходно е да се гледаат и параметрите на номиналниот бруто-домашен производ – истакна Мицкоски.
Премиерот се повика на податоци од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), според кои номиналниот БДП на државата во периодот на владеење на СДСМ пораснал од 11,34 милијарди долари на 15,86 милијарди долари, што претставува раст од 4,52 милијарди долари. Во споредба со тоа, актуелната Влада, како што наведе Мицкоски, го зголемила номиналниот БДП од 16,95 милијарди долари на 21,61 милијарди долари, односно за 4,66 милијарди долари.
– Со зголемување на јавниот долг од 1,381 милијарди евра, успеавме да обезбедиме раст на номиналниот БДП од 4,66 милијарди долари, што е за 140 милиони долари повеќе отколку што беше постигнато во шестгодишниот период на СДСМ, кога беше задолжена државата за 3,69 милијарди евра – рече Мицкоски.
Тој оцени дека овие показатели ја потврдуваат, како што рече, поголемата ефикасност на актуелната економска политика, нагласувајќи дека за трипати пократок период и со трипати помало задолжување бил постигнат повисок раст на номиналниот БДП.












