Општина Центар ги обнови детските игралишта кај „Зебра“ во Капиштец и кај маркетот „Кам“ во Дебар Маало, при што дотраените и оштетени реквизити се заменети со нови за да се обезбедат побезбедни и поквалитетни услови за игра и рекреација на децата.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, упати апел за зачувување на урбаната опрема, нагласувајќи дека јавниот простор е заедничка одговорност.
– По барање на жителите, побаравме засилено присуство на припадниците на Министерството за внатрешни работи на терен, особено во вечерните часови, кога има појава на вандализам и оштетување на детските игралишта. Во Општината има околу 50 детски, спортски, маалски и училишни игралишта. Даваме сѐ од себе да ги одржуваме и унапредуваме, но, за жал, често се соочуваме со нивно оштетување, поради што повторно вложуваме средства за нивно санирање – истакна Герасимовски.
Тој потсети дека Општина Центар иницирала измени на повеќе закони, со цел поефикасно справување со девијантното однесување кај младите, меѓу кои и воведување општокорисна работа за малолетните вандали и за нивните родители.
За 2026 година, Општина Центар има издвоено 12 милиони денари за обнова и реконструкција на детските и спортските игралишта на своја територија.












