среда, јуни 24, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Апасиев го обвини Тошковски за партизација, министерот возврати дека опозицијата сака да...

Апасиев го обвини Тошковски за партизација, министерот возврати дека опозицијата сака да го закочи расчистувањето со криминалот

Трета интерпелација за две години

0

Со меѓусебни обвинувања за партизација, непотизам и политички манипулации, во Собранието се расправаше по интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесена од Левица.

Образложувајќи ја интерпелацијата, лидерот на Левица, Димитар Апасиев, оцени дека Тошковски е „типичен пример за политички опортунизам“, чија кариера, според него, напредувала благодарение на партиските структури на ВМРО-ДПМНЕ. Тој тврдеше дека министерот, пред да дојде на функцијата, бил фаворизиран адвокат на високи партиски функционери и лица обвинети во предмети на поранешното СЈО. Апасиев упати и обвинувања за непотизам, оценувајќи дека МВР под раководство на Тошковски е претворено во „фамилијарна тезга“ во која блиски лица и роднини добивале унапредувања и привилегии. Според него, министерот дозволил ширење на корупцијата во полициските редови, а дел од безбедносните функции, наместо да ги извршува државата, ги презеле приватни агенции за обезбедување.

– Наместо да воспостави професионален систем, МВР повторно е претворено во партиски инструмент, поради што интерпелацијата е целосно оправдана – рече Апасиев.

фото Ѕ.П.

Од собраниската говорница, Тошковски возврати дека ова е трета интерпелација против него во период од две години, што, како што рече, е „историски случај“, но додаде дека го почитува демократското право на опозицијата. Министерот оцени дека во изминатите две години бил постојано напаѓан од „коалиција меѓу ДУИ, Левица и СДСМ“ и дека критиките се доказ дека се спроведуваат промени.

– Не се напаѓа оној што не работи. Толкава енергија се троши само за оној што менува нешто, а токму тоа најмногу ве боли. Македонските граѓани конечно гледаат надеж дека нешто може да се смени на подобро – изјави Тошковски.

Тој оцени дека во интерпелацијата повеќе се зборувало за неговата адвокатска кариера, студии и членови на семејството, отколку за, како што рече, „бројките, фактите и реализираните проекти“. Реплицирајќи му директно на Апасиев, министерот порача дека во неговото излагање слушнал „манипулации, лаги и клевети“. Според Тошковски, интерпелацијата претставува обид да се попречи борбата против криминалот и корупцијата и да се заштитат, како што рече, структури од поранешната власт.

– Оваа интерпелација не ја доживувам како суд за мојата работа, туку како уште еден очаен обид за собирање евтини политички поени – рече Тошковски.(П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ