среда, август 12, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Вештачката интелигенција ќе помага при пожари, поплави, земјотреси и други кризни состојби

Вештачката интелигенција ќе помага при пожари, поплави, земјотреси и други кризни состојби

66

Центарот за управување со кризи (ЦУК) почнува повеќегодишен проект со поддршка од НАТО, преку кој треба да се модернизира начинот на кој државните институции разменуваат информации, ги координираат спасувачките екипи и донесуваат одлуки при пожари, поплави, земјотреси и други кризни состојби.

Директорот на ЦУК,  Мухамед Али, официјално го потпиша договорот за реализација на повеќегодишниот проект G10231 – „Интероперабилен систем за командување со инциденти управуван од вештачка интелигенција за прекуграничен одговор при кризни и итни состојби (NICS-2)“, кој се спроведува во рамките на НАТО-програмата „Наука за мир и безбедност“ (Science for Peace and Security – SPS).

Според информациите од ЦУК, целта е да се изгради современ и интегриран систем преку кој различните институции ќе може побрзо да разменуваат информации и да ја координираат реакцијата во реално време. Системот треба да ги поврзе податоците од терен, оперативните центри и службите што учествуваат во справувањето со кризи. Со тоа, надлежните би требало да располагаат со појасна слика за местото и обемот на инцидентот, движењето на спасувачките екипи и за расположливите ресурси.

Вештачката интелигенција, според насловот и концептот на проектот, треба да се користи за побрза обработка и анализа на голем обем информации. Тоа може да вклучува препознавање на ризиците, утврдување на приоритетните подрачја и поддршка при распределувањето на екипите и на опремата.

– Со имплементацијата на NICS-2, ќе се зајакне меѓуинституционалната интероперабилност, ќе се унапредат капацитетите за донесување одлуки во реално време и ќе се создадат поефикасни механизми за заштита и безбедност на граѓаните. Воедно, проектот претставува значаен придонес кон зајакнување на меѓународната соработка. Преку оваа иницијатива ќе се овозможи поддршка заедно со партнерите од Украина, преку споделување знаења, искуства и најдобри практики во областа на управувањето со кризи и итни состојби – потенцираат од ЦУК.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ