Престижното признание, Нобеловата награда за литература, годинава ја доби канадската поетеса, есеистка и преведувачка Ен Карсон. Шведската академија во Стокхолм, во своето образложение, истакна дека нејзиното творештво е „храбро и инвентивно, кое во разигран дијалог со класичната традиција, создаде нови форми за современата книжевност“.

Карсон, која е родена во Торонто, има 76 години и е долгогодишен професор по класични студии, а препознатлива е по тоа што во своите дела вешто ги брише границите помеѓу поезијата, прозата, есеистиката и научната критика.

Таа предавала на Универзитетот „Мекгил“ во Монтреал, Универзитетот во Мичиген и на Универзитетот „Принстон“ (од 1980 до 1987 година). Добитничка е на стипендијата „Гугенхајм“ во 1998 и на стипендијата „Макартур“ во 2000 година. Исто така, ја има добиено и книжевната награда „Ланан“.

Додека била во средно училиште, еден наставник по латински јазик ја запознал со светот на старогрчката култура, што подоцна ѝ го трасирало патот во светот на книжевноста. Таа се запишала на колеџот „Сент Мајкл“ при Универзитетот во Торонто, но двапати ги прекинувала студиите – на крајот од првата и повторно на крајот од втората година. Фрустрирана од ограничувањата на наставната програма (особено од задолжителниот курс за Милтон), таа накратко се свртела кон светот на графичките уметности. Подоцна се вратила на Универзитетот во Торонто, каде што дипломирала во 1974, магистрирала во 1975 и докторирала во 1981 година. Како професорка по класични студии со експертиза во класичните јазици, компаративната книжевност, антропологијата, историјата и комерцијалната уметност, Ен Карсон во своето творештво ги спојува идеите и темите од различни области. До 2016 година, таа има објавено дваесет книги, од кои повеќето испреплетуваат различни форми: поезија, есеи, проза, критика, превод, драмски дијалог, фикција и нефикција. Театарската компанија „Класик стејџ“ од Њујорк има поставено три претстави засновани на преводите на Карсон – „Агамемнон“ од Есхил, „Електра“ од Софокле и „Орест“ од Еврипид, како дел од својата сезона 2008–2009 година. Во 1986, Ен Карсон ја објави својата прва книга, „Ерос: горко-сладок“. „Модерн лајбрари“ ја вброи оваа книга меѓу стоте најдобри дела од нефикцијата на сите времиња.

Од нејзиното творештво особено се издвојува романот во стихови од 1998 година, „Автобиографија на црвеното“ (Autobiography of Red), заснован на зачуваните фрагменти од хеленскиот поет Стесихор за крилестото чудовиште Герион.

Нејзините подоцнежни дела ја вклучуваат збирката „Float“ од 2016 година, составена од 22 поединечни книшки што читателите може да ги читаат по кој било редослед, како и изданието „Wrong Norma“ од 2024 година, во кое таа ги испреплетува перформативните и академските форми. Карсон е позната и по соработката со кореографи, визуелни уметници и со театарски режисери, преку кои има извршено силно влијание врз современата глобална книжевна и уметничка сцена.

Таа беше и истакнат гостин-поет на Универзитетот во Њујорк и член на жирито за наградата за поезија „Грифин“ во 2010 година. На 16 ноември 2012 година, доби почесен докторат од Универзитетот во Торонто. Во 2014,  ја освои поетската награда „Грифин“, за книгата „Red Doc>“ и е призната како една од големите поетеси на 21 век. (Д. Т.)

 

ИЗДВОЕНИ