Во претставата „Мекита од Просјачка опера“ во режија на Наташа Поплавска, која премиерно ќе биде одиграна на 29 ноември (20:00 часот), во Театар Комедија, суровата слика на бедата се отвора низ сатиричен и гротескен театарски свет, во кој хуморот не ја ублажува неправдата, туку ја разголува. Комедијата станува остроумно оружје: низ иронија, апсурд и смеа, претставата го разобличува системот
Што се случува кога ќе добие бедата деловен модел, просењето ќе стане организирана дејност, а криминалот ќе се претстави како закон? Кога станува туѓата несреќа извор на профит, а преживувањето стока што ја контролира некој, сиромаштијата престанува да биде само последица на неправдата. Таа станува бизнис, а моќта – негов најсигурен заштитник.
Во претставата „Мекита од Просјачка опера“ во режија на Наташа Поплавска, која премиерно ќе биде одиграна на 29 ноември (20:00 часот), во Театар Комедија, оваа сурова слика се отвора низ сатиричен и гротескен театарски свет, во кој хуморот не ја ублажува неправдата, туку ја разголува. Комедијата станува остроумно оружје: низ иронија, апсурд и смеа, претставата го разобличува системот.
Каде завршува подземјето, а каде почнува општеството, она што го создава, одржува и го штити? Во тој свет, Брехтовото прашање „кој е поголем криминалец: оној што ја ограбува банката или оној што ја основа?“ не звучи како провокација од минатото, туку како непријатно актуелна дијагноза на сегашноста.
Инаку, со „Мекита од Просјачка опера“, Театар Комедија отвора сценски простор во кој Брехтовата „Просјачка опера“ добива нова драматуршка и изведувачка форма.
Претставата ја испитува можноста за современ сценски јазик низ принципите на тоталниот театар, во кој актерот, музиката, видеото, движењето и звукот не се само средства за раскажување туку и рамноправни носители на драмското значење.
– Необичниот сценски влез почнува со актерката и со самата актерска професија – нејзината несигурност, постојаната преобразба и потребата од опстанок во светот во кој и уметноста мора да се избори за своето место. Од таа автоиронична исповед се отвора вратата кон Брехтовиот свет. Матеа Јанковска, преземајќи седум идентитети, ги претвора сопствените тело, глас и сценско присуство во простор на постојани трансформации. Но, зад секој лик останува видлива актерката – не како скриена основа, туку како свесна сила што ја создава и ја разградува илузијата. Трансформацијата не е само средство за раскажување, таа станува дел од значењето. Пред гледачот не се менуваат само ликовите туку и самата граница меѓу оној што ја игра улогата и оној што ја гледа – велат од Театар Комедија.
Кабаретската иронија, сатирата, гротеската и современиот електронски звук го обликуваат ритамот на ова сценско истражување.
Музичкиот свет на „Мекита од Просјачка опера“ добива современа електронска интерпретација преку дуото „Триангулум“ – Томи Анчов и Стефан Дамјаноски, а нотите на Курт Веил се провлекуваат како лајтмотив на претставата. Музиката не е само придружба на драмското дејство туку и негов активен драматуршки соговорник, дел од сценскиот ритам и од целокупниот театарски израз. Звукот не ја следи само сценската акција туку го менува и нејзиниот ритам и ја продлабочува напнатоста меѓу комичното и заканувачкото.
Во претставата, уште една важна улога им е доделена на видеомапингот и на видеодизајнот, кој е препознатлив дел од режисерските постапки на претставите на Поплавска. Овој пат Брехтовите пораки ќе бидат пренесени преку видеодизајнот на дизајнерот Емил Петров, видеото ќе биде активен учесник во претставата, ќе се дообликува во живо во текот на претставата, заедно со актерката и со музиката, која, исто така, се изведува во живо.
Инаку, „Мекита од Просјачка опера“ е прва фаза од докторското истражување на Наташа Поплавска на тема „Тотален театар“ и Брехт како автор најблизок до тоталниот театар и она што денес би се нарекло, современ театар“. Истражувањето се одвива пред очите на публиката – не како теоретска теза што чека потврда, туку како сценска практика во која различните изразни средства се испреплетуваат, а односот меѓу сцената и гледалиштето постојано се преиспитува.
– Хуморот овде не е прибежиште од стварноста, туку начин да се согледа таа поостро; зад комичното се откриваат механизмите на интересот, зад привидниот ред – злоупотребата, а зад општествената пристојност – добро организираната моќ. Најсилното прашање што го отвора Брехтовиот свет не е само кој е криминалецот туку и кој има моќ да го именува така. А кога се менуваат лицата, формите и правилата, останува онаа иста нишка на која се нанижани сите времиња – моќта. Зашто, на крајот, не е законот тој што ѝ поставува граници на моќта, туку моќта е таа што одлучува каде завршува законот – додаваат од Театар Комедија.
Во создавањето на овој сценски свет, текстот го напишаа Наташа Поплавска и Матеа Јанковска, а драматуршката супервизија е на Весна Куслеска. Во претставата се вклучени и други соработници како: Олга Панго – супервизор на сценските движења, Љубица Велкова – изведувач на костимите и на сцената, Анастасија Славковска – вокална подготовка, истражувачката фаза ја надополнува Оливија Трајковска, за односи со јавноста е одговорна Катарина Илиоски, светло-мајстор е Виктор Лазаревски, а одговорен на сцена е Никола Николовски.
Репризите се на 6 и на 29 декември.












