петок, ноември 27, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Чиле бара казна од 80 милиони долари за „Епл“ поради ограничување на...

Чиле бара казна од 80 милиони долари за „Епл“ поради ограничување на конкуренцијата

0

Националното обвинителство за економски прашања на Чиле (FNE), регулаторното тело за заштита на конкуренцијата во земјата, побара од судот да му изрече казна од приближно 80 милиони долари (околу 69 милиони евра) на американскиот технолошки гигант „Епл“, поради злоупотреба на неговата доминантна положба на пазарот за оперативниот систем iOS.

Регулаторот тврди дека, најмалку од 2019 година, американскиот технолошки гигант ја ограничува конкуренцијата во однос на дистрибуцијата на апликации и обработката на плаќања за дигитални производи во рамките на апликациите – со што практично ги принудува развивачите и корисниците да ги користат исклучиво услугите на „Епл“, пренесува „Ројтерс“.

Според FNE, компанијата „Епл“ го оневозможил преземањето апликации и алтернативни продавници за апликации преку веб-прелистувачи на уредите iPhone, принудувајќи ги корисниците и развивачите да се потпираат единствено на неговата сопствена продавница, „Ап стор“ (App Store).

Регулаторот побара од судот да му наложи на „Епл“ да овозможи инсталирање апликации и продавници за апликации од трети страни, користење алтернативни системи за плаќање во рамките на апликациите, како и вклучување копчиња или линкови што ќе ги упатуваат корисниците кон надворешни платформи за плаќање – сето тоа без дополнителни ограничувања.

FNE, исто така, побара укинување на политиката на „Епл“ со која на развивачите им се забранува во рамките на нивните апликации да ги информираат корисниците за алтернативни начини на плаќање, поповолни цени или промоции достапни на сопствените веб-страници на развивачите. Бараната казна изнесува 30 отсто од приходите остварени од продажбата на производи и услуги поврзани со наводните прекршувања на прописите во периодот опфатен со истрагата.

Apple претходно ги оправдуваше овие ограничувања, наведувајќи ја потребата од заштита на безбедноста и приватноста на корисниците; сепак, чилеанскиот регулатор оцени дека таквите мерки се непотребни и непропорционални, истакнувајќи дека истите цели би можеле да се постигнат со помало влијание врз пазарната конкуренција.

Според регулаторот, „Епл“ има 100-отстотен удел на пазарот во Чиле во однос на дистрибуцијата на апликации за оперативниот систем iOS, како и на дистрибуцијата на дигитални производи купени во рамките на тие апликации.

Доколку судот го прифати барањето на регулаторот, „Епл“ ќе мора да го промени начинот на кој функционира неговиот дигитален екосистем на чилеанскиот пазар.

ИЗДВОЕНИ