Со видлива модринка на окото, последица од бруталното тепање, 26-годишната Сара Ѓорѓиеска дојде во Основниот суд во Охрид, каде што требаше да почне судењето против 31-годишниот Кристијан Корабоски, обвинет дека ја претепал до бессознание и дека ја оставил на улица. Но, наместо да почне главната расправа, првото рочиште беше одложено за 1 декември, откако одбраната побара изземање на сите јавни обвинители и судии од Охрид. Обвинетиот не се појави во судницата, туку, според информациите, бил во притворското одделение на Судот, наводно од безбедносни причини.

Адвокатот на оштетената, Ѓоко Шаин, оцени дека барањето за изземање на сите обвинители е обид за одолговлекување на постапката и избегнување на одговорност на обвинетиот. Барањето било доставено непосредно пред почетокот на рочиштето и за него треба да се произнесе Вишото јавно обвинителство.
– Бидејќи е побарано изземање на сите обвинители, вклучително и на јавниот обвинител што постапува по предметот, во овој момент ниту еден од нив не може да постапува. Сметам дека е ова со цел одолговлекување на постапката и избегнување на одговорноста што ја има обвинетиот Кристијан Корабоски. Видовте дека не беше присутен во судницата. Не е возможно тоа, како што беше присутна оштетената, требаше да биде и тој. На наредните рочишта, обвинетиот мора да се појави во судница и мора да има правда за овој случај – изјави Шаин.
Покрај обвинителите, одбраната побарала изземање и на судијката Александра Поп Стефанија, судијата Милчо Клишески и на претседателот на Основниот суд во Охрид, Бојан Мартиноски. Барањата за изземање на двајцата судии биле одбиени од претседателот на Судот, додека за неговото изземање треба да одлучува Апелациониот суд во Битола.
На рочиштето присуствуваше еден од двајцата најавени сведоци, додека за отсуството на другиот била приложена медицинска потврда. Следното рочиште е закажано за 1 декември во 12:00 часот.

Корабоски се товари за три кривични дела: телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста, сторени при вршење семејно насилство. Според обвинението, на 15 ноември тој не ја пуштал жртвата да излезе од автомобилот, ја претепал, а потоа ја оставил на улица во Охрид. Во текот на истрагата, Обвинителството обезбедило медицинска документација за повредите и видеоснимки поврзани со настаните. Дел од обвинителните наводи се однесуваат на случувањата во автомобилот, кога побарала Сара да биде пуштена да излезе, но возилото продолжило да се движи. Во меѓувреме, јавниот обвинител постапува и во друга предистрага по наводите на Сара дека Кристијан Корабоски барал инструкции по телефон од својот татко како да се ослободи од нејзиното тело.
– Во моментот кога била мојата ќерка во бессознание, Кристијан, мислејќи дека е мртва, стапил во контакт со својот татко, барајќи помош како да се ослободи од нејзиното тело. Неговиот татко му давал насоки како да се ослободи од телото на мојата ќерка. Пред сето тоа, нејзиниот телефон бил намерно искршен, со што ѝ била одземена можноста да повика помош и да побара спас. „Собери ги сите познајници, да го прикриеме нештово и да се ослободиме од оваа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“ Ова се зборовите што ги слушнала Сара во момент кога се наоѓала во крајно беспомошна состојба – напиша мајката на Сара Ѓоргиеска.
На Корабоски му е определен 30-дневен притвор поради опасност од бегство и опасност од повторување на кривичните дела. Случајот предизвика протести низ државата и барања за одговорност за сите полициски службеници што не постапувале по поплаките на сите жени жртви на насилство. (П. А.)












