Новото оствaрување на Манчевски ќе биде претставено во Македонската филхармонија, со гала-премиера и со црвен килим, а пред публиката ќе се поклонат актерите и членовите на филмската екипа, кои го создадоа филмот, вклучувајќи ги и гостите од Англија, Италија, Бугарија, Србија и од Албанија. Пошироката скопска и македонска јавност ќе може да го види филмот во киното „Синеплекс“, од 3 декември
„Сестра, брат и шахта“ на Милчо Манчевски ќе ја има својата македонска премиера в недела, 29 ноември, во големата сала на Македонската филхармонија во Скопје.
Како што најавуваат од продукцијата, новото оствaрување на Манчевски ќе биде претставено со гала-премиера и со црвен килим, а пред публиката ќе се поклонат актерите и членовите на филмската екипа, кои го создадоа филмот, вклучувајќи ги и гостите од Англија, Италија, Бугарија, Србија и од Албанија. На премиерата се очекуваат и претставници на државниот врв, на повеќе странски амбасади, како и значајни личности од културниот и од општествениот живот на нашата земја.
– Македонски филм пред македонската публика. Да ја почитуваме со мерак – изјави режисерот Манчевски во пресрет на македонската премиера.
Пошироката скопска и македонска јавност ќе може да го види филмот во киното „Синеплекс“, од 3 декември.
Како што е познато, на почетокот од месецов „Сестра, брат и шахта“ триумфираше во Токио, освојувајќи ја главната награда на фестивалот. Со тоа стана вториот филм во историјата на Македонија што е победник на фестивал од А-категорија, по „Пред дождот“ во 1994 година, во Венеција. По Токио, се претстави и во Каиро и во Белград.
Бројни меѓународни критики и рецензии го нарекуваат филмот „потресен“, „самоуверен“, „остра социјална опсервација“, „ексцентричен“, „прекрасно изработен“, „игрив“, „непредвидлив, со љубов изработен, чиста радост“, „потресна и пресмешна ода за двајца аутсајдери“, „духовит и искрен“, „вознемирува и маѓепсува“, „врвна глума“…
„Сестра, брат и шахта“ е комедија за богатите и за сиромашните, една лута сатира, ама и суптилна психолошка студија за брат и сестра што живеат надвор од тековите на општеството. Филм за антихерои, кој – во неповторливиот стил на Милчо Манчевски – си поигрува со жанровските класификации, мамејќи и солзи и смеа. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како живеат и се поврзуваат луѓето во современиот свет.
Ова е негов деветти долгометражен филм, а осми игран филм, снимен во иста година со документарецот „Добри луѓе“.
Главните улоги ги играат: Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Симона Спировска, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски. Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукцијата. Директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија. Монтажер на филмот е Благоја Неделковски, а автор на музиката – Игор Василев-Новоградска. Кастинг-директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.
Филмот се снимаше со меѓународна екипа, на локации низ и околу Скопје. Копродуценти се „Гала филм“ од Бугарија, „Сенс продакшн“ од Србија, „Амаркорд продакшн“ и „Аугустус колор“ од Италија, „Беркли медија груп“ од Англија и Тирана филм институт од Албанија. Освен македонската Агенција за филм, филмот го помогнаа и националните филмски фондови од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и од Англија.












