среда, јули 15, 2026
Дома СВЕТ Нетанјаху и нареди на војската да продира понатаму во Либан

Нетанјаху и нареди на војската да продира понатаму во Либан

100
EPA/RONEN ZVULUN / POOL

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека ѝ наредил на армијата да продолжи понатаму во Либан за да се бори против милитантната група Хезболах, поддржана од Иран, и покрај прекинот на огнот објавен пред повеќе од шест недели.

„И наредив на армијата да ги прошири своите копнени маневри во Либан“, наведе Нетанјаху во соопштението.

Израелската армија го предупреди населението во јужен Либан да се евакуира порано денеска, кратко откако потврди дека го освоила Форт Бофорт, стратешка точка на висок гребен над реката Литани, објави Би-Би-Си.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) го повторија повикот за евакуација на сите цивили јужно од реката Захрани.

„Секој што ќе се најде во близина на членови на Хезболах, нивните упоришта или оружје, го загрозува сопствениот живот“, предупреди портпаролот на армијата.

Израел ја проширува својата територија во борбата против Хезболах со секој нов ден, пишува Би-Би-Си.

Најновото предупредување за евакуација е втор пат во последните денови Израел да ги повика жителите да го напуштат целиот јужен дел од земјата јужно од реката Захрани.

Портпаролот на Израелските одбранбени сили (ИДФ) потврди дека значителен број копнени трупи на ИДФ учествуваат во операцијата, која во моментов се проширува на дополнителни области. Тоа е нов јасен показател дека израелските копнени сили продираат сè подлабоко на либанската територија, преминувајќи ја нивната почетна линија на демаркација на реката Литани, пишува Би-Би-Си.

Борбите во Либан се најраспространетото прелевање од иранската војна и раселиле повеќе од 1,2 милиони Либанци поради израелските напади и наредбите за евакуација од 2 март.

ИЗДВОЕНИ