Набљудувачката мисија „Црта“, соопшти дека, заклучно со 10:00 часот, излезноста на гласачите на вонредните парламентарни избори во Србија изнесувала 19,8 отсто.
Во истиот период за време на претходните парламентарни избори во 2023 година, излезноста изнесувала 9,8 отсто.
Според мисијата, избирачките места низ Србија се отвориле главно навреме, при што пред нив се создале забележливи редици.
„На 16 отсто од избирачките места, отворањето доцнело повеќе од 10 минути. На четири отсто од избирачките места, набљудувачите пријавиле несоодветна подготовка на просториите, што довело до расправии меѓу членовите на избирачките одбори и доцнење при отворањето“, наведоа од „Црта“.
Набљудувачката мисија дополнително извести дека, во различни делови на Србија, на набљудувачите на „Црта“ првично им бил оневозможен влез на избирачките места, но сепак, проблемот бил решен по интервенција на Републичката изборна комисија.
Исто така, тие забележаа дека на сите избирачки места, вреќите со изборен материјал „биле соодветно запечатени со безбедносни пломби“.
Денес во Србија се одржуваат вонредни парламентарни избори, а избирачките места се отворени, според предвиденото, од 07:00 до 20:00 часот.
Право на глас имаат 6.451.292 гласачи, а изборите се одржуваат на 8.392 избирачки места – вклучувајќи 29 во казнено-поправни установи и 93 во странство, во 37 држави, каде што има 102.147 гласачи.
Гласачките ливчиња се испечатени во 29 јазични варијанти.
Гласачите од Косово ќе гласаат на 60 избирачки места во Рашка, Тутин, Врање и Куршумлија.












