петок, октомври 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј се сретна со вселенскиот патријарх Вартоломеј

Митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј се сретна со вселенскиот патријарх Вартоломеј

0

Денеска во Рим, Неговото Високопреосвештенство, митрополитот дебарско-кичевски г. Георгиј, оствари средба со Неговата Сесветост, Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, објави Дебарско-кичевската епархија на МПЦ-ОА.

Во соопштението се наведува дека средбата се одржа во рамките на престојот на Вселенскиот патријарх во Рим, каде што на Папскиот универзитет „Свети Тома Аквински“ (Angelicum), по повод свеченото отворање на академската 2026/2027 година, му беше доделен почесен докторат по теологија.

-Средбата претставуваше можност за лична средба и разговор, а во духот на евангелската љубов и взаемното почитување – се наведува во епархиското соопштение.

Средбата, извесно, претставува сигнаш за уште поголеми контакти меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија по неодамнешната посета на епископот Антаниски Партениј на Света Гора и на Вселенската патријаршија на чествувањето во Имврос, Турција во август годинава. Како што пишуваше весникот ВЕЧЕР по посетата на епископот Партениј, а за која благословот го даде и надлежниот Дебарско-кичевскиот митрополит Георгиј, може да се очекува интензивирање на контактите меѓу МПЦ-ОА и Фанарот. Пред два месеца епископот Партениј посети неколку манастири на Света Гора која се наоѓа под јурисдикцијата на вселенскиот патриајрх Вартоломеј. Потоа, на Имврос, Турција, на чествувањето на големиот празник Успение на Пресвета Богородица, заедно со духовниците од Бигорскиот манастир настапи и црковниот хор „Козна Пречистански“ и на игроорците од Кичево при што тие пееле македонски песни и играле македонски ора. Сето ова водеше кон невестувањето дека може да следат и други контакти на повисоко ниво.

Познато е, односите меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија не се прекинати но се во своевиден застој околу различните ставови околу издавањето на томосот за автокефалност кој МПЦ-ОА го очекува од Вселенската патријаршија. Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан пред повеќе месеци изјави дека проблемот е во барањата на Вселенската патријаршија за наше откажување од името Македонска православна црква, отстапување на македонската дијаспора и признавање на Православната црква на Украина, а што е за нас неприфатливо.

Инаку, денеска во базиликата „Свети Петар“ во Рим, за првпат беше отслужен молебен во чест на Свети Еразмо Охридски, на олтарот посветен на овој светител. -Молитвениот чин го отслужи Неговото Високопреосвештенство, митрополитот дебарско-кичевски г. Георгиј, во сослужение на протојереј-ставрофор Никола Христоски. Овој молитвен чин, отслужен во еден од најзначајните христијански храмови, претставува посебно духовно чествување на Свети Еразмо Охридски , чие име е поврзано со христијанското духовно наследство на Охрид и Македонија – соопшти Дебарско – кичевската епархија. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ