Речиси целиот раководен тим на американскиот проект за извоз на течен природен гас (ТПГ), „Полар ЛНГ“ (Polar LNG), поднесе оставка по обвинувањата дека руската компанија „Новатек“ тајно го финансира и контролира потфатот.
Како што пренесува „Фајненшел тајмс“, поранешниот извршен директор Џоел Ридл предупредил на можни прекршувања на американските санкции.
„Полар ЛНГ“ развива терминал за извоз на течен природен гас во северна Алјаска. Проектот, вреден 25 милијарди долари, беше започнат во март, а плановите вклучуваат преместување и завршување на делумно изграден терминал, кој првично му припаѓал на рускиот „Новатек“.
Компанијата побарала одобрение од Министерството за финансии на САД за водење преговори со руската групација, но сѐ уште го нема добиено.
Ридл тврди дека открил оти „Новатек“ почнал да го финансира проектот и да врши директна контрола врз него уште пред да бидат добиени потребните дозволи. Како резултат на тоа, тој поднел оставка во септември, а набргу потоа, компанијата ја напуштиле и финансискиот директор Ден Чандра, како и други високи раководители.
„Поднесов оставка бидејќи за мене беше неприфатливо рускиот ’Новатек‘ да го финансира проектот и, всушност, да ја диктира стратешката насока на компанијата“, изјави Ридл.
Според него, тој првично верувал дека проектот го финансираат Џентри Бич – инвеститор поврзан со семејството на Доналд Трамп – и фирмата „Тек вејв“ (Tech Wave) со седиште во Абу Даби.
Спротивставени тврдења
Ридл тврди дека подоцна дознал оти Бич не вложил никакви средства во проектот и дека не бил ниту акционер, ниту член на управниот одбор. „Фајненшел тајмс“ известува дека има увид во пораки на „WhatsApp“ во кои Денис Соловјов, член на управниот одбор на „Новатек“, разговара за финансирањето на проектот и бара да се забрза трансферот на средства кон „Полар ЛНГ“.
Од „Полар ЛНГ“, сепак, тврдат дека Ридл бил отпуштен. Тие го опишаа како „незадоволен вработен“ и наведоа дека проектот се развива во согласност со законите на САД.
Од „Новатек“ изјавија дека ѝ дале право на компанијата „Тек вејв“ да ја користи нивната технологија на Алјаска. Додадоа дека во април бил потпишан меморандум за разбирање, во време кога Ридл сè уште бил на чело на „Полар ЛНГ“. Врска со преговорите меѓу Вашингтон и Москва
Според извори на „Фајненшел тајмс“, проектот бил дел од пошироки разговори меѓу Вашингтон и Москва во врска со деловни аранжмани што би можеле да придонесат за ставање крај на војната во Украина.
Наводно, се разгледувал предлог според кој „Новатек“ би обезбедил технологија и експертиза за изградба на терминал на Алјаска, во замена за укинување на санкциите против рускиот проект „Арктик ЛНГ 2“.
Во февруари, „Њујорк тајмс“ објави дека Џентри Бич – поранешен пријател од колеџ на Доналд Трамп Помладиот – најавил договор со „Новатек“ за гасен проект на Алјаска.
На 9 октомври, исто така, беше објавено дека Русија бара олеснување на санкциите како дел од преговорите за можно „енергетско примирје“ со Украина.












