Соединетите Американски Држави (САД) подготвуваат нов мировен план за ставање крај на војната во Украина. Според британскиот магазин „Економист“ (The Economist), планот би можел да вклучува откажување на Киев од кандидатурата за членство во НАТО, воспоставување демилитаризирана зона во Донбас и повторно активирање на гасоводот „Северен тек“.
Според извештајот, украинските претставници сè уште ги немаат добиено сите детали за американските предлози, но основните контури на планот се веќе познати.
Во замена за откажување од амбициите за членство во НАТО, на Украина би ѝ бил понуден инвестициски пакет и пат кон членство во Европската унија. Истовремено, на Русија би ѝ се овозможило склучување деловни договори со САД, ублажување на санкциите и нормализирање на политичките односи со Западот. Еден од најконтроверзните предлози се однесува на обновување на испораките на руски гас за Европа и повторно активирање на гасоводот „Северен тек“ – потег што би претставувал значителна отстапка кон рускиот претседател Владимир Путин.
„Економист“ напоменува дека Вашингтон нема овластување да носи одлуки за вакви прашања во име на европските нации, а исто така посочува дека обновувањето на испораките на руски гас би било спротивно на европската легислатива.
Во меѓувреме, кај украинските претставници расте загриженоста дека американската администрација би можела да склучи договори што ѝ одат во прилог на Русија, дури и пред војната формално да заврши.
Предлозите за кои известува „Економист“ во оваа фаза сè уште не претставуваат финализиран мировен договор.












