Македонската ММА-борачка Даниела Алексовска блесна пред домашната публика на спектаклот ФНЦ 34 во Скопје, откако со доминантен настап ја совлада Гркинката Мина Хаѕопулу и уште еднаш го потврди својот голем потенцијал.

Алексовска беше подобра во текот на борбата, а во еден момент зададе неколку последователни удари по кои нејзината противничка немаше решение. Грчката борачка беше принудена да ја предаде борбата, а нашата натпреварувачка заслужено стигна до голема победа.

Даниела важи за една од најперспективните женски борачки на Балканот, а триумфот во Скопје е уште една потврда дека се наоѓа во одлична форма.

Сепак, вечерта не помина без разочарувања за македонските борачи. Тоше Цветков беше нокаутиран од Србинот Миљан Ровчанин за само 26 секунди.

Цветков беше четвртиот македонски борец кој загуби на оваа манифестација. Претходно, Дино Старчевиќ беше поразен од Никола Ѓурѓев, Марко Трајановски загуби од Лука Лаичевиќ, а Ален Амедовски беше совладан од Шпанецот Тато Примера. Сите четворица загубија со нокаут или со популарното „гушење“.

Еден од најголемите моменти на вечерта го приреди српскиот борец Марко Бојковиќ, кој со спектакуларен нокаут го победи Ескијев и го освои шампионскиот појас во лесна категорија.

Иако неговиот противник имаше подобар почеток и прв се обиде да нападне, Бојковиќ стрпливо ја чекаше својата шанса. Кога се отвори вистинскиот момент, Србинот зададе прецизен удар со десната рака, по кој Ескијев заврши на подот, а судијата веднаш ја прекина борбата.

Бојковиќ доби огромна поддршка од публиката во Скопје, која гласно го бодреше уште од неговото излегување во арената. Со триумфот стигна до титулата во ФНЦ, со што стана најмладиот шампион во три европски организации.

Но, покрај борбите и спортските возбудувања, настанот го одбележа и инцидент на трибините, во кој, според информациите, учествувале лица од таборот на грчкиот ММА-борец Анастасиос Хацигеоргиадис.

Наводно, тензиите започнале откако дел од навивачите на грчкиот борец гласно скандирале и ја провоцирале публиката во арената. Ситуацијата дополнително се вжештила, а дел од присутните наводно се обиделе и физички да се пресметаат со домашните навивачи.

Обезбедувањето морало да интервенира и ги отстранило лицата од арената, спречувајќи инцидентот да прерасне во поголема пресметка.

Така, ФНЦ 34 во Скопје донесе голема победа за Даниела Алексовска и шампионска вечер за Бојковиќ, но и непријатни сцени кои го засенија дел од спортскиот спектакл.

ФОТО: FNC

ИЗДВОЕНИ