Археолошка изложба со 83 артефакти од неолитската збирка на два локалитети од Скопскиот Регион: Церје – Говрлево и Слатина – Зелениково, од денеска до 4. јули 2027 ќе биде отворена во Археолошкиот музеј во Франкфурт, Германија. Изложбата која се однесува на првите земјоделци на овој простор од пред 8.000 години е во организација на Музејот на град Скопје. Присутните на изложбата имаат можност да се запознаат и со изданието за претставените локалитети, под авторство на кустосот на изложбата, Љубо Фиданоски.
Двата локалитети од Скопскиот Регион, Церје – Говрлево и Слатина – Зелениково, се едни од најзначајните локалитети од овој период, не само во државата туку и пошироко.
Низ различни музејски начини и содржини ќе бидат претставени најважните предмети од збирката: антропоморфниот модел на куќа, позната како „Големата мајка од Говрлево“, разновидните керамички фигурини, жртвеници и садови. Исто така, ќе бидат претставени и исклучително интересните камени и коскени алатки од обата локалитета.












