вторник, ноември 3, 2026
Дома СВЕТ Зеленски воочи преговорите со Русија пристигна во Берлин: Од Мерц бара ракети...

Зеленски воочи преговорите со Русија пристигна во Берлин: Од Мерц бара ракети и помош за зимата

48
EPA/CLEMENS BILAN

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска пристигна во Берлин на средба со германскиот канцелар Фридрих Мерц, во момент кога германската владејачка коалиција подготвува дополнителна финансиска помош од 200 милиони евра за Украина. Посетата се одржува само една недела пред новата рунда мировни преговори меѓу Украина, Русија и САД.

Според германскиот весник „Велт“, кој се повикува на информации од „Политико“ и владини извори, владејачките партии ЦДУ/ЦСУ и СПД планираат да обезбедат дополнителни 200 милиони евра за Украина, со цел земјата полесно да се справи со последиците од руските напади врз енергетската инфраструктура во пресрет на зимата.

Од предвидените средства, 100 милиони евра треба да бидат обезбедени преку германското Министерство за надворешни работи, а преостанатите 100 милиони преку Министерството за економска соработка и развој. Партиите од владејачката коалиција планираат да поднесат барање за дополнителни буџетски расходи во Бундестагот, кое се очекува да биде разгледано од парламентарната Комисија за буџет следната недела.

Парите би биле наменети за поддршка на украинските електроцентрали и друга цивилна инфраструктура, која во изминатиот период постојано е цел на руски напади.

Посетата на Зеленски претходно не беше најавена од безбедносни причини, а германскиот канцелар Мерц ја потврди денеска за време на обраќање пред претставници на стопанската заедница во Берлин.

Зеленски, пак, соопшти дека главните теми на разговорите во германската престолнина се дипломатската координација, зајакнувањето на украинската противвоздушна одбрана и поддршката за енергетскиот сектор. Тој најави средби и со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер и со претседателката на Бундестагот, Јулија Клекнер.

Во меѓувреме, Украина се соочува и со големи финансиски потреби за следната година. Зеленски претходно побара дополнителни 70 милијарди евра од европските партнери за 2027 година, а прашањето за обезбедување на тие средства останува отворено.

Средбата во Берлин се одржува во пресрет на новите мировни преговори меѓу Украина, Русија и САД, закажани за 10 и 11 ноември во Абу Даби. Според најавите на американскиот специјален пратеник Стив Виткоф, разговорите ќе бидат насочени кон безбедносните гаранции по завршувањето на војната, деескалацијата и можните следни чекори кон мировен договор.

ИЗДВОЕНИ