Скопската публика, овој месец, во Кинотеката на Македонија ќе може да проследи повеќе филмови од јапонската кинематографија, јубилејни проекции на значајни остварувања од македонската кинематографија кои оставиле трајна трага во нашата културна историја, како и современи домашни и регионални продукции
Ноемвриската програма на Кинотеката на Македонија претставува разновиден пресек на филмските искуства, историските перспективи и естетските определби што ја обликуваат кинематографијата како уметност, општествен документ и простор на културно паметење. Во неа се преплетуваат јубилејни проекции на значајни остварувања од македонската кинематографија, современи домашни и регионални продукции, филмски дела од азиските кинематографии и можности за повторно откривање на авторите чие творештво оставило трајна трага во нашата културна историја, посочуваат од оваа институција.
Притоа, од утре до 10 ноември, во Кинотеката ќе се одржи Недела на јапонски филм каде што публиката ќе има можност да проследи шест остварувања што ја претставуваат разновидноста на јапонската кинематографија – од семејни драми и трилер до анимација и историска приказна. Сите проекции започнуваат во 19:00 часот, а влезот е бесплатен.
Програмата ќе биде отворена на 4 ноември, со „Чекор“ на режисерот Кен Иизука, емотивна приказна за татко кој, по ненадејната смрт на сопругата, сам ја одгледува својата ќерка. Низ нивното секојдневие, филмот зборува за родителството, загубата и силата на семејната блискост. На 5 ноември, пак, ќе биде прикажан „Маскирано одделение“ на Хисаши Кимура, напнат трилер за лекар кој се соочува со опасен натрапник и со тајните на болницата, а на 6 ноември следува „Речиси чудо“ на Јуја Ишии, приказна за младоста, добрината и првите љубовни чувства. На програмата, на 7 ноември е „Деца на морето“ на Ајуму Ватанабе, визуелно впечатлива анимирана авантура што ја истражува поврзаноста на човекот со морето и природата. Циклусот јапонски филмови продолжува на 9 ноември со „Банана? Во ова време од ноќта?“ на Тецу Маеда. Инспириран од вистинска приказна, филмот ја следи решеноста на човек со мускулна дистрофија да живее самостојно и неговите односи со волонтерите кои му помагаат во секојдневието.

Неделата на јапонски филм во Скопје ќе заврши на 10 ноември со „Иване: Меч на спокојот“ на Кацухиде Мотоки, историска драма за самурај кој се обидува да започне нов живот, но се вплеткува во опасен заговор во периодот едо.
– Преку различни жанрови и авторски пристапи, програмата отвора простор за запознавање со јапонската култура и со приказни за семејството, љубовта, солидарноста и личната слобода, истакнуваат од Кинотеката и додаваат дека на 11 ноември програмата ќе продолжи во Битола, во Центарот за култура, со проекции на „Деца на морето“ и на „Чекор“.
Ноемвриската програма во Кинотеката на Македонија продолжува со филмот „Југо оди во Америка“ од 2026 година, во режија на Филип Грујиќ и Алекса Броковиќ, кој ќе се прикаже на 11 и на 23 ноември во 20 часот. Во филмот станува збор за југословенското наследство и современите идентитетски потраги.

Во рамките на одбележувањето на 20-годишнината од премиерата, месецов на програмата е „Тајната книга“ (2006) на Владо Цветановски. Филмот ќе се прикаже на 12 ноември, во 20 часот, а зборува за богомилското духовно движење. Еден од најпосакуваните манускрипти е т.н. Тајната книга која се смета за автентично дело на богомилската литература, но оригиналот не е пронајден до ден-денес. Еден запис во Каркасонските летописи упатува на вистината дека Тајната книга на богомилите потекнува од Македонија. И токму поради Тајната книга, на просторот на Македонија ќе се сретнат повеќемина научници и истражувачи кои ќе направат обид да ја пронајдат, да ја одгатнат повеќевековната загатка…
Друго важно историско навраќање е проекцијата на „Жед“ (1971) на Димитрие Османли, закажана за 18 ноември, по повод 55 години од премиерата. А посебно место во овој репертоар зазема документарниот филм „Австралија, Австралија“ на Столе Попов, кој годинава одбележува половина век од својата премиера. Проекцијата е закажана за 28 ноември. На 19 ноември, пак, ќе има проекција на филмот „Караула“ на Рајко Грлиќ, копродукција на Хрватска, Македонија, Србија од 2006 година, а по повод 20 години од премиерата.
– Програмата за ноември не останува затворена во историските ретроспективи. Современите продукции ја прошируваат перспективата кон теми што ја определуваат денешната општествена стварност: моќта на корпорациите, историската траума, родовите нееднаквости и наследството на политичките поделби, додаваат од Кинотеката.
Во рамките на овој циклус, посетителите ќе можат да ги погледнат и филмовите: „Којотот против системот“ (Coyote vs. Acme, 2026), во режија на Дејв Грин, „Сирак“ (Árva, 2025) на унгарскиот режисер Ласло Немеш (двата на 13 и 14 ноември) и „Скејтбординг не е за девојчиња“ (2026), во режија на Дина Дума (на 16 и 17 ноември).
Во ноемврискиот репертоар е најавена и ретроспективна проекција на дела од творештвото на Дарко Марковиќ, на 21 ноември, како и Недела на грчки филм, предвидена за 25, 26 и 27 ноември. (Н. И. Т.)











