Емотивната претстава „Мрки, нисам ти испричао“ на познатиот српски актер Марко Јанкетиќ, по големата турнеја низ регионот, на 25 ноември (20:00 часот), ќе гостува и во Скопје.
Посветена на неговиот татко, легендарниот српски актер Миша Јанкетиќ, оваа мултимедијална претстава низ искрена приказна отвора простор за сеќавањата, семејните односи, љубовта, загубата и за зборовите што остануваат неискажани. „Мрки, нисам ти испричао“ токму преку лична приказна зборува за сите овие универзални теми, како и за потребата да се кажат нештата додека сè уште имаме кому да му ги кажеме.
Мрки, пак, е зборот со кој Марко и неговиот татко, Миша Јанкетиќ, се викале еден со друг. Збор што за нив значел блискост, доверба и љубов.
Марко Јанкетиќ во претставата не игра лик, тој, всушност, ја раскажува својата лична приказна. Тој воедно е и автор на претставата, а мултимедијалниот пристап и музиката во живо ги надополнуваат актерската игра и визуелниот израз.
Претставата режирана од Анѓелка Стевиќ-Жугиќ истовремено ги спојува хуморот, музиката во живо и силните емоции, создавајќи атмосфера во која границата меѓу личната исповед и театарската приказна исчезнува.
Станува збор за искрена сценска приказна, која им нуди на гледачите доживување што истовремено трогнува и насмевнува.
Претставата досега има позитивни реакции од публиката и од медиумите во Србија и во Црна Гора.












