Францускиот институт во Скопје и издавачката куќа „Илика“ организираат книжевна средба и промоција на македонскиот превод на романот „Настанот“ од Ани Ерно, добитничка на Нобеловата награда за литература во 2022 година.
Настанот ќе се одржи в четврток, 5 ноември, со почеток во 19:00 часот, во Францускиот институт во Скопје.
На средбата ќе говорат Катерина Шекутковска, уредничка во издавачката куќа „Илика“, Елисавета Поповска, преведувачка на романот „Настанот“ и професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Средбата ќе ја модерира Ведран Диздаревиќ, професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје и познавач на делото на Ани Ерно.
Романот „Настанот“ е едно од позначајните дела на современата француска писателка Ани Ерно, во кое таа искрено и прецизно пишува за интимното искуство, телото, положбата на жената и за сеќавањето. Преку лично сведоштво, авторката отвора прашања со силно општествено значење, кои остануваат актуелни и денес.
Според „Њујорк тајмс“: „‘Настанот’ е внимателно изработен и детален каталог на копнежи, понижувања, класна анксиозност и емоционално страдање. Но, раскажувањето на Ерно не се води од нарцисоидност или од желба за самооправдување туку од еден многу понежен импулс: желбата да се долови минатото такво какво што било, ненарушено од лажни сеќавања, морални осуди или книжевни декорации“.












