Од ЈП „Лајка“ информираат дека бројот на заловени и третирани кучиња во периодот од април до октомври годинава е зголемен за над 75 % во споредба со тој период лани. Оттаму велат дека тоа значи оти оперативните резултати на претпријатието бележат значителен раст, со најизразено зголемување во периодот од април до октомври. Воедно, истакнуваат дека во првите десет месеци од 2026 година претпријатието реализирало вкупно 1.285 заловувања, 1.084 ветеринарни третмани и 310 задомувања.
– Во споредба со тој период во 2025 година, тоа претставува зголемување од 52 % кај заловувањето, 50 % кај ветеринарните третмани и 8 % кај задомувањето. Изразено во бројки, оваа година се заловени 440 повеќе кучиња, третирани се 362 повеќе, а нов дом добија 23 кучиња повеќе во однос на минатата година – нагласуваат од ЈП „Лајка“.
Притоа, додаваат дека е забележан особено значаен раст во периодот од април до октомври, кога биле реализирани 1.014 заловувања и 852 ветеринарни третмани, наспроти 580 заловувања и 483 третмани во тој период минатата година.
Една од поважните промени во работењето на ЈП „Лајка“, како што велат оттаму, е повторното воведување на стратешкото заловување по општини, со кое, покрај редовното постапување по пријави од граѓани, се спроведуваат и однапред планирани теренски активности. Посочуваат дека и покрај зголемениот обем на работа, долгорочното справување со проблемот со бездомните кучиња не зависи единствено од активностите на претпријатието туку и од одговорноста на сопствениците на домашни миленици.
Воедно, упатуваат апел до сите сите сопственици да ги микрочипираат и да ги регистрираат своите кучиња, согласно со законските обврски.












