четврток, октомври 8, 2026
Дома КУЛТУРА На концертот „Музички код“ Филхармонија со изведба на најпознатите увертири од класиката

На концертот „Музички код“ Филхармонија со изведба на најпознатите увертири од класиката

10

Оркестарот на Македонската филхармонија, вечерва (8 октомври), со почеток во 20 часот, ќе одржи концерт насловен „Музички код“ со диригентот Борјан Цанев, на кој ќе бидат изведени увертири од најпознатите оперски дела. Публиката ќе има можност да чуе увертири од оперите на Моцарт, Росини, Вагнер, како и увертирите „Кориолан“ од Бетовен, „Академска фестивалска увертира“ од Брамс и „Свечена увертира“ од Шостакович.

Со настапите дома и во странство, а особено со последните гостувања со Краковската, Северночешката, Софиската и Македонската филхармонија, Борјан Цанев останува еден од најбараните диригенти во Македонија и во поширокиот регион. Маестро Цанев ја балансира својата кариера помеѓу сценските настапи и наставата како професор на ФМУ во Скопје. Неговиот 20-годишен ангажман како главен диригент на Македонската филхармонија, одигра исклучително важна улога во квалитативниот раст на ансамблот. Во улогата на наставник и ментор, тој поведе многу генерации на музичари кон нивните професионални патишта дома и во светот. Како добитник на високите признанија „Виртуози – најдобар музички изведувач“ и „Ѓорѓи  Божиков“ – за најдобра изведба на дела од македонски композитори, тој важи за еден од најпрефинетите музичари во Македонија.

Покрај настапите со Македонската филхармонија, маестро Цанев диригирал и со бројни познати оркестри: Лондонскиот симфониски оркестар, Софиската филхармонија, Филхармонијата во Краков, Северночешката филхармонија, Црногорскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Арад, Симфонискиот оркестар „Вагнер“ од Токио, Симфонискиот оркестар на Војводина, „Синфониета“ – Софија, Хрватскиот камерен оркестар, Задарскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија и др. Диригирал на сите реномирани фестивали во Македонија: Охридско лето, Скопско лето, Мајски оперски вечери, Денови на македонската музика, како и на многу фестивали во странство. Борјан Цанев како диригент се појавува во САД, Англија, Јапонија, Италија, Франција, Чешка, Полска, Хрватска, Србија, Бугарија, Црна Гора, Турција, Романија, Босна и Херцеговина, Казахстан, а има направено снимки за Македонската радио-телевизија, за Бугарското национално радио, како и за „FAMES Project” Македонија.

ИЗДВОЕНИ