Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на советничко прашање информираше дека за дел од објектите што пречат и треба да се урнат, се водат судски постапки. – За да не се доведеме во ситуација да копнеме на неколку места, а потоа граѓаните 20 години да поминуваат низ голгота. Е таква е состојбата на „Генерал Михајло Апостолски“. Или во превод, Владата дала пари за тој проект, почнал да се гради, експропријацијата не мрднала од мртва точка. Има неколку позиции каде што одиме со спогодба, каде што е разумно барањето на оние што треба да бидат експроприирани. Но, има и позиции каде што сме во судски постапки. Конкретно, има едно семејство каде што е завршена постапката со братот, имаат лепенка, а пречат во трасата. Другиот брат не сака да се согласи со сумата што ја утврдил Градот Скопје, со проценител. Тој бара драстично поголема сума. И тука решението е судот. Првото рочиште ни е во јуни – објасни Ѓорѓиевски
Експропријацијата на куќите и на другите објекти што се наоѓаат на патот што треба да го поврзе мостот „Генерал Михајло Апостолски“ со сегашниот ТЦ „Ист гејт“ – не оди според планираното.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на советничко прашање денеска информираше дека за дел од објектите што пречат и треба да се урнат, се водат судски постапки.
– За да не се доведеме во ситуација да копнеме на неколку места, а потоа граѓаните 20 години да поминуваат низ голгота. Е таква е состојбата на „Генерал Михајло Апостолски“. Или во превод, Владата дала пари за тој проект, почнал да се гради, експропријацијата не мрднала од мртва точка. Има неколку позиции каде што одиме со спогодба, каде што е разумно барањето на оние што треба да бидат експроприирани. Но, има и позиции каде што сме во судски постапки. Конкретно, има едно семејство каде што е завршена постапката со братот, имаат лепенка, а пречат во трасата. Другиот брат не сака да се согласи со сумата што ја утврдил Градот Скопје, со проценител. Тој бара драстично поголема сума. И тука решението е судот. Првото рочиште за таму ни е јуни – објасни Ѓорѓиевски.
Тој вели дека нема веднаш да се заврши експропријацијата, но, според него, битно е да се направи мостот функционален, како што ветил во предизборието.
– Најпрво, мостот да функционира со две ленти на излезот, а ќе продолжат постапките, кои треба да ги реши судот, од каде што ќе се добие сума за решавање на проблемот – нагласи Ѓорѓиевски.
Тој последно рече дека овој мост ќе биде готов до крајот на годината.
Мостот беше завршен кон крајот на 2021 година, но оттогаш е затворен, односно по него може да се помине само пеш.
Како што појасни градоначалникот, се соочиле со вакви проблеми и за функционалноста на мостот кај „Љубљанска“, од каде што добиле согласност од Конзерваторскиот центар, но и на трасата за булеварот „Борис Трајковски“, каде што, пак, во последниот период се договориле со повеќе фирми, сместени по трасата на последниот дел од овој булевар, за да може тој да се заврши до Драчево.
Ѓорѓиевски: Голготата со јавниот превоз брзо ќе заврши – сообраќаат 180 автобуси
На советничко прашање за решавање на проблемот со јавниот градски превоз, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека ќе се нормализира тој откако ќе пристигнат новите 100 автобуси, кои ги набавува Владата.
Притоа, информираше дека тендерот што го распиша Министерството за транспорт е завршен и оти во моментов се врши евалуација на пристигнатите понуди.
– Брзо, мислам дека таа голгота со јавниот превоз, конечно, ќе заврши. Од околу 130 наши автобуси што беа во функција, сега од гаражите излегуваат по 180 автобуси. Што значи дека има плус 50 автобуси. Дополнително, зголемен е и бројот на автобуси на приватните превозници што во минатото, од различни причини, одбиваа да сообраќаат на дел од линиите. Мислам дека е подобрена состојбата во однос на јавниот транспорт. Дали е идеална состојбата и дали е онаква каква што сакаме да биде, не е, но ќе го решиме тоа, како што споменав, со завршување на целиов процес околу набавката на автобусите, од една страна, и дополнително со реализација на брзиот автобуски транзит (БРТ) – истакна Ѓорѓиевски, одговарајќи на советничко прашање на денешната седница на Советот на Град Скопје.
На советничко прашање дали има одделение за одржување на хигиената во автобусите, однадвор и однатре, Ѓорѓиевски го предупреди директорот на ЈСП „Скопје“ да повнимава на хигиената и откри дека досега немало пералница за автобусите и дека во наредниот период ќе биде обезбедена и таа.
(А.П.)












