Станот во Скопје, со површина од околу 150 квадратни метри и проценета вредност од 140.000 евра, бил купен со финансиско учество на двете семејства, според исказот на таткото на сопругата на Ѓоко Ристов.
На денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје, сведокот на одбраната Ристиќ, рече дека неговото семејство обезбедило 70.000 евра, а потоа помогнало и во опремувањето на станот.Еврата што ги дале биле банкноти од по 500 и 200 , тврди таткото на сооругата на Ристов.
„На семејна средба се договоривме заеднички да учествуваме во финансирањето на станот, пола-пола да учествуваат двете страни“, изјави сведокот, одговарајќи на прашања на одбраната.
Тој посочи и дека со нотарски заверена изјава било предвидено станот во иднина да биде запишан на името на неговиот внук, кој го носи неговото име.
Во продолжение пред судот сведочеше и Емилио Фришчиќ, вештак за спорни документи, ракописи и потписи. Тој остана на своите наоди и објасни дека при директен контакт на кожата со хартија може да останат епителни клетки што би можеле да се испитуваат со ДНК-анализа. Ако лицето носи ракавици и нема директен допир со хартијата, такви траги може да не останат.
За рачно напишаните белешки на три ливчиња пронајдени меѓу банкнотите, вештакот рече дека, според информациите со кои располагал, нивен автор е мајката на Ристов. На прашање од одбраната каде биле пронајдени парите, одговори дека од дигиталните материјали што му биле доставени произлегувало дека биле откриени при претрес.
Обвинителството претходно соопшти дека на 18 јануари 2026 година, при претрес во домот на родителите на Ристов во Неготино, биле пронајдени 350.000 евра скриени во ѕид. Според соопштението, станувало збор за 610 банкноти од по 500 евра и 225 банкноти од по 200 евра.На фолиите во кои биле завиткувани парите пронајдени се траги на судијата, тврди обвинитрлката Искра Хаџи Василева.
Обвинителството се сомнева дека Ристов, како службено лице и судија во Апелацискиот суд Скопје, од 10 февруари 2020 година давал лажни податоци за сопствената и семејната имотна состојба или не пријавувал имот што значително ги надминувал неговите законски приходи.
Судењето го води судијката Билјана Коцевска. Следното рочиште е закажано за 3 ноември.(П.А.)












