Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој ги обединуваат заложбите за унапредување на превенцијата од детското престапништво и создавање подобри услови за правилен развој и безбедност на младите.
-Овој документ ги поставува темелите за институционална соработка во чии рамки Советот за превенција на детско престапништво на Општина Кисела Вода ги става на располагање своите практични искуства, методологии и воспоставени модели на дејствување како менторска поддршка за Советот на Општина Ѓорче Петров – соопштија од Општина Кисела Вода.
Оттаму додаваат дека иницијативата се заснова на принципите на меѓусебна доверба, градење синергија и размена на добри практики кои Кисела Вода успешно ги развиваше во изминатиот период во соработка со училиштата, институциите и граѓанскиот сектор.
-Ваквиот меѓуопштински пристап овозможува зајакнување на капацитетите на локалните совети и нивно поефикасно одговорање на предизвиците поврзани со младите – нагласуваат од Општина Кисела Вода.
Партнерството предвидува заедничко планирање, размена на ресурси и анализа на состојбите на терен, со цел градење одржлив модел на превенција што ќе придонесе за поголема безбедност на младите во двете општини.
-Со потпишувањето на овој Меморандум, Општина Кисела Вода и Општина Ѓорче Петров потврдуваат дека вистинскиот напредок во локалната самоуправа се постигнува преку отворена соработка и заемна поддршка. Заштитата на децата и превенцијата на детското престапништво се тема од исклучително значење што бара заедничка посветеност. Преку нашиот Совет за превенција, со задоволство го ставаме на располагање нашето досегашно искуство и воспоставените практики, со цел да им дадеме поддршка на колегите од Ѓорче Петров. Оваа менторска улога ја гледаме пред сè како израз на меѓуопштинска солидарност и партнерство што ќе донесе долгорочни бенефити за двете општини. Верувам дека со здружени сили, размена на знаења и институционална кохезија градиме побезбедна, посигурна и попросперитетна средина за сите наши деца – истакна градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска – Трајкоска.












