четврток, октомври 22, 2026
Дома КОЛУМНИ КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Партиска книшка против памет: Хроника на едно бегство

КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Партиска книшка против памет: Хроника на едно бегство

1

Секојпат кога ќе го отворам куферот пред патување, ми се чини дека ја мерам тежината на сопствената несовесност. Не затоа што јас одам некаде, туку затоа што гледам како цела една генерација деца си ги пакуваат животите во картонски кутии пред да стигнат воопшто да научат што значи да се биде дома. Јас повторно ќе се вратам, а тие најверојатно засекогаш ќе останат таму каде што тргнале, барајќи подобар живот, барајќи сигурност, среденост, систем на вредности кои овде ги немаме.

Стојам на терасата, гледајќи како завршува уште еден септември, а со него и уште една генерација се збогува со ова наше мачно секојдневие. Тука веќе нема ни солзи ни гласни протести, ниту, пак, некаков револт што ќе го крене малку овој тежок воздух. Останува само она немо, студено збогување на аеродромот или на вратата од автобусот, бескрајна грижа и тивка родителска тага. Тие заминуваат, а ние остануваме да си ја препродаваме лажната гордост под која тагува родителската самотија во празните соби и замолчената насмевка која нема за кого да изгрее, правејќи се дека времето лекува сè. А времето само ни ги брише последните траги на надеж.

Веќе никој не им верува на министерските соопштенија и на лажните реформи во образованието. Какви црни реформи кога училиштето одамна престана да биде место каде што децата се учат да мислат, да бидат креативни и слободоумни. Наместо тоа, создаваме папагали кои го повторуваат само она што некој го напишал во учебниците, а кое е најчесто неточно или неразбирливо. Училиштата веќе не се колепка на знаење и воспитување – станаа обична чекална за пат кај првиот подобар странски работодавец. Учителот со скршена креда и мизерна плата се мачи да објасни равенка, додека надвор се слави некоја сосема друга математика, онаа во која партиската книшка е единствениот пасош за опстанок. А детето гледа, мери, пресметува и сфаќа дека овде паметта е тежок товар, а знаењето е само вишок багаж што те кочи во трката по туѓите трошки.

Ги гледаме амфитеатрите како се празнат, а факултетите одамна се претворија во академски гробишта каде што аспирантите и професорите се држат за столчињата како за последна сламка, а науката е сведена на пазар каде што дипломите се купуваат на кило за да се вдоми партиската војска. И додека министрите делат дипломи како бесплатни летоци и се сликаат по портали, младите паметни глави си ги купуваат билетите без да се свртат наназад, затоа што немаме што да им понудиме. Земја во која министерските фотелји се завештани како семејни фирми, каде што секој стручен човек е прогласен за непријател, а секој полуписмен партиски послушник е устоличен како врвен експерт.

Најстрашното во сето ова не е тоа што ни бегаат младите. Бегале луѓето и порано, низ вековите оделе на печалба. Најстрашно е што ние тука, останатите, се навикнавме на тоа. Паднавме во онаа длабока, тивка апатија каде што сè ни е сеедно. Ни снегулка не те радува ни песна не те трогнува, ниту, пак, те боли кога некој следен ќе го заклучи семејниот дом и ќе го фрли клучот во Вардар. Станавме општество на пепел, каде што најгласни се оние што најмногу украле, а најтивки тие што со децении го носеле ова општество на грб.

Таа апатија не е случајна. Таа е системски произведена за да не можеш повеќе да кренеш глас. Ти ја убиваат желбата да прашаш „зошто“, ти ја затнуваат устата со секојдневни сметки, инфлација и лажни вести, за на крај да останеш сам со својот молк во четири ѕида. А власта, пак, во својот паралелен универзум, продолжува со стерилни соопштенија. Тие живеат во некоја матрица каде што сè е во совршен ред, каде што економијата цути, а системот функционира беспрекорно. Делењето празни фрази стана врвна дисциплина за опстанок на политичките паразити кои се хранат со крвта на оваа држава.

И секојпат кога ќе помислам дека подлабоко нема каде, гледам како некој нов средношколец си купува карта во еден правец. И сфаќам – овде нема кој да ја исклучи светлината на крајот бидејќи одамна сите живееме во мрак, само се правиме дека гледаме кон некое туѓо сонце.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

ИЗДВОЕНИ