Во Драмскиот театар Скопје почна да се поставува претставата „Три сестри во Москва“ во режија на Јани Бојаџи. „Три сестри во Москва“ е праизведба на драмскиот текст на Владимир Талески, македонски автор, актер, режисер и теоретичар на театарот.
Директорот Роберт Вељановски на првата проба ги поздрави режисерот, авторот, актерскиот и уметничкиот тим, им посака успешен процес. Истакна дека во годината на чествување на големиот јубилеј, 80 години Драмски театар Скопје, Годишната програма за работа се реализира согласно со предвидената динамика и го изрази задоволството што праизведбата на „Три сестри во Москва“ се работи по текст на домашен автор, со што се потенцира значењето на националната драматургија.
„Кога го слушнав насловот, првата помисла ми беше дали во светски рамки, во времето што го живееме има публика за Чехов, но кога го прочитав текстот на Талески, видов ‘сериозно добар драмски текст’, текст што ќе остави трага во националното театарско творештво“, рече Вељановски.

Авторот Владимир Талески во емотивното обраќање на првата проба изјави дека со многу возбуда влегува во овој процес од причина што текстот го работел неколку години и кога го понудил и бил одбран во Годишната програма на Драмски, го надвладеале личните емоции што ги има кон овој театар, каде што тој пред многу години ја играл својата дипломска и првата професионална претстава.
Талески, пред екипата рече: „Очекувам премногу, во Драмски сè е поинаку, ретка е можноста во драматургијата да се потпирате на бесмртните ликови на Чехов, каде што чувствата, желбите, надежта и среќата на човекот се наоѓаат ‘малку подалеку од нас’, на друго место, надвор од нашето опкружување, каде што чекате додека соништата се распаѓаат, да создадете ликови што ќе ја ‘земат работата во свои раце’“.
Обраќајќи се на актерите тој додаде: „Јас се обидов да ја вметнам страста и љубовта кон животот и низ една трагична театарска романса, ве поканувам со вашиот ентузијазам и карактерите што ќе ги изнесете на сцена, да оставиме длабока и убава театарска претстава“.
Режисерот Јани Бојаџи кажа дека со длабока почит кон Чеховата традиција, но и со смел исчекор напред, се впуштаат во создавањето на „Три сестри во Москва“, дело кое не е само продолжение, туку и длабока рефлексија на судбините на Прозорови, неколку години по она што Чехов го остави недовршено.
„Авторот Владимир Талески маестрално ја истражува нивната потрага по смисла и исполнетост во еден свет кој се чини дека постојано им изминува. Мојата режисерска визија е да создадеме претстава која ќе ги допре најинтимните жици на публиката, нудејќи им не само театарски чин туку и вистинско искуство, и додаде дека сака да создаде „актероцентрична“ претстава која ќе се темели на „актерот“ пред „сценските атракции“ и ги замоли актерите низ процесот на работа да имаат слобода во градењето на ликовите да почувствуваат и да направат и личен антипод од ликот што го создаваат од едноставна причина, затоа што: „карактерите се тие со кои публиката создава идентификација“, рече Бојаџи.
Заблагодарувајќи се на довербата што ја добил да ја режира праизведбата на текстот „Три сестри во Москва“ во Драмски, Бојаџи додаде дека како што во животот сите имаме своја мисија, длабоко верува дека Талески напишал одличен текст и овој уметнички и креативен тим ќе создаде претстава која ќе има заначајно место во македонското драмско творештво.

Во тимот, со режисерот, ќе соработуваат сценографот Лазе Трипков, костимографката Ирена Боневска-Чаловска и композиторот Игор Василев-Новоградска. Инспициент во претставата е Жарко Намичев, а суфлер е Жаклина Цветковска.
Во актерската екипа се: Олга – Марија Кондовска, Маша – Јована Спасиќ, Ирина – Ања Митиќ, Андреј – Лазар Христов, Вершинин – Игор Стојчевски, Тузенбах – Сашо Тасевски, Чебуткин – Огнен Дранговски (к.г.), Докторот – Предраг Павловски, Сестрата – Нина Елзесер и Протопопов – Владимир Петровиќ.
Праизведбата на претставата „Три сестри во Москва“ е планирана за 17 декември.












