четврток, октомври 22, 2026
Дома БАЛКАН Во Србија на полноќ започнува предизборниот молк

Во Србија на полноќ започнува предизборниот молк

21

Во недела, на 25 октомври, во Србија се одржуваат вонредни парламентарни избори. Периодот на „изборен молк“ започнува вечерва на полноќ и ќе трае до 20:00 часот во недела.

Во текот на овој период, забрането е претставување на кандидатите или нивните програми во медиумите или на јавни собири, повикување на гласачите да гласаат „за“ или „против“ одредена листа, како и објавување проценки за изборните резултати пред затворањето на избирачките места.

За прекршување на овие правила се предвидени парични казни. Правните лица можат да бидат казнети со износ меѓу 850 и 5.100 евра; одговорните лица во медиумите можат да се соочат со казни од 425 до 1.280 евра; одговорните лица во правните субјекти можат да бидат казнети со износ меѓу 170 и 425 евра; а за граѓаните се предвидени казни во висина од 85 до 340 евра.

На овие вонредни парламентарни избори право на глас имаат 6.450.523 гласачи, а гласањето ќе се одвива на вкупно 8.392 избирачки места. Од нив, 93 избирачки места ќе бидат отворени во странство, во 37 држави, додека 29 ќе бидат лоцирани во казнено-поправни установи. За гласачите од Косово се одредени 60 избирачки места во четири града: Рашка, Тутин, Врање и Куршумлија.

Осумнаесет изборни листи се натпреваруваат за 250 пратенички места во Народното собрание на Србија. Според најновата анкета на јавното мислење спроведена од „Нова српска политичка мисла“ (НСПМ), 44,5 отсто од гласачите кои се одлучиле и планираат да излезат на претстојните парламентарни избори би гласале за листата „Студентска листа – Студентите победуваат“, додека 42,7 отсто би ја поддржале листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“. Според резултатите од анкетата, под изборниот праг би останале следниве листи: „Ивица Дачиќ – Фактор на стабилност“ со 2,9 отсто поддршка, „Европска Србија – Мариника Тепиќ – Здравко Понош“ со 2,7 отсто и „Автентична десница – Милош Јовановиќ“ со 2,5 отсто. Сите останати листи заедно би добиле два отсто од гласовите.

ИЗДВОЕНИ