Анализата на цените покажува дека за речиси 40-тина дена од почетокот на војната на Блискиот Исток, цената на бензините се зголемила за 8 (95 октани) односно за 10 денари (98 октани), додека, пак, дизелот поскапел за дури 24 денари. Од Регулаторната комисија за енергетика посочија дека доколку Владата не го продолжеше времетраењето на намалениот ДДВ и не се интервенираше во акцизата, цената на бензините ќе беше повисока за уште 8,50 денари/литар, а дизелот за 12 денари/литар

 

Нафтените компании (Макпетрол, ОКТА и Лукоил) се одзваа на повикот на Регулаторната комисија за енергетика и во своите малопродажни цени на горивата го вкалкулираа обезбедениот попуст од страна на Владата со главниот набавувач ОКТА, кој изнесува 3 денари/литар за дизел и 2 денари/литар за бензин. Така, од 7 до 14 април, на бензиските пумпи граѓаните можат да точат бензин од 95 октани по 81 денари/литар, 98-октанскиот бензин чини 83,5 денари/литар, дизелот, пак, се продава по 95 денари/литар. Додека, пак, плинот (ЛПГ) чини 59 денари.

Во споредба со претходната одлука од 30 март, промените јасно покажуваат дека товарот од новото поскапување најсилно паѓа врз дизелот. На 31 март, цената на еуросупер БС-95 изнесуваше 84 денари, на еуросупер БС-98 беше 85,5 денари, а на дизелот 95,5 денари по литар. Со новата пресметка, БС-95 е понизок за половина денар, БС-98 е без промена, а дизелот е поскап за 2,5 денари.

Големите турбуленции во цените на горивата почнаа кон крајот на февруари, кога САД и Израел извршија напади врз Ирак. На 28 февруари, на македонските бензински пумпи, бензините се точеа по 73,5 денари/литар, а дизелот беше поевтин и чинеше 71 денар/литар. Веќе на 7 март, цената на бензините се зголеми на 74,5 денари/литар, а десет дена подоцна имаше драстичен скок на 86,5 денари/литар. Потоа, од 17 до 24 март, бензините имаа стабилна цена од 86,5 денари/литар, а по една недела подоцна, цената се намали на 84 денари/литар благодарение на одлуката на Владата да го намали ДДВ од 18 % на 10 %, како и на одлуката на ОКТА да ѝ даде попуст на нафтените компании.

Дизелот доживува огромно поскапување. Ако на 28 февруари, на бензиските пумпи се точеше по 71 денар/литар, од 3 до 10 март има скок од 14,5 денари и чинеше 85,5 денари/литар, на 17 март чинеше 92 денари/литар, за да веќе на 24 март достигне 95,5 денари/литар. На 31 март чинеше 95,5 денари/литар, а на 7 април 98 денари/литар, односно со попустот од 3 денари – 95 денари за литар.

Анализата на цените покажува дека речиси 40-тина дена, цената на бензините се зголемила за 8, односно за 10 денари, додека, пак, дизелот поскапел за дури 24 денари. Од Регулаторната комисија за енергетика посочија дека доколку Владата не го продолжеше времетраењето на намалениот ДДВ и не се интервенираше во акцизата, цената на бензините ќе беше повисока за уште 8,50 денари/литар, а дизелот за 12 денари/литар.

СДСМ: Со овие цени на горивата, граѓаните ја полнат касата на соседите!

Од СДСМ сметаат дека намалувањето на ДДВ и акцизите за горивата не е доволно и сметаат дека со овие цени, граѓаните на Македонија го спонзорираат точењето на гориво на нашите соседи.

– Ова е уште еден доказ за погрешните економски политики на Владата – без стратегија, без навремена реакција и без грижа за граѓаните. СДСМ навремено понуди четири конкретни законски решенија за заштита на стандардот на граѓаните и стабилизација на цените, а тие се – закон за намалување на ДДВ на горивата на 5 %, а не како што е сега, потоа закон за намалување на акцизите на горивата за 4 денари, како и преполовување на цената на патарините, но и закон за укинување на ДДВ за основните прехранбени производи на 0 %. Тоа е комплетно решение кое ќе значи вистинско намалување на цените на храната и на горивата – истакна потпретседателката на СДСМ, Јованка Тренчевска од СДСМ.

Таа потсети дека законските решенија се на собраниска седница и ги повика пратениците да ги поддржат и конечно да застанат на страната на граѓаните.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ