четврток, октомври 22, 2026
Дома СКОПСКА Скопје подготвува новогодишна магија за 73.000 евра! Што ќе го краси градот?

Скопје подготвува новогодишна магија за 73.000 евра! Што ќе го краси градот?

28

Град Скопје објави јавен повик за новогодишно украсување на главниот град, за кое се предвидени околу 4,5 милиони денари со вклучен ДДВ, односно приближно 73.000 евра. Буџетот е нешто повисок од лани, кога за празничната декорација беа издвоени 4,27 милиони денари со ДДВ.

Според тендерската документација, новогодишното украсување треба да биде завршено најдоцна до 15 декември, додека демонтирањето на украсите е предвидено од 15 до 25 јануари 2027 година. Заинтересираните компании можат да достават понуди до 5 ноември, кога е закажано и нивното отворање.

Централно место во празничната декорација ќе има елка висока 13 метри, која според техничките спецификации треба да изгледа како природна елка. Предвидени се и повеќе големи светлосни инсталации, меѓу кои елен висок околу четири метри, декоративен подарок повисок од шест метри и два светлосни портали.

Празничниот амбиент ќе го надополнат и тридимензионална санка исполнета со подароци, во која посетителите ќе можат да влезат и да се фотографираат, два светлосни балони високи по 3,5 метри, како и фигура на Дедо Мраз.

Техничката спецификација предвидува и околу сто светлосни букети, новогодишен венец наменет за фотографирање, украсување на канделабрите со светилки и поставување декоративни светлосни елементи во форма на мразулци.

За разлика од минатата година, во актуелниот јавен повик не се наведени конкретните локации на кои ќе бидат поставени украсите. Тие ќе бидат утврдени дополнително, преку работен налог што ќе ѝ биде доставен на избраната компанија.

Минатогодишното украсување на Скопје го реализираше компанијата „Линк медиа плус“, со договор вреден 3.620.000 денари без ДДВ, односно 4.271.600 денари со вклучен данок.

По завршувањето на тендерската постапка и изборот на изведувачот, треба да бидат познати и местата во главниот град каде што ќе бидат поставени новогодишните украси.

ИЗДВОЕНИ