четврток, октомври 29, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ВЕРБАЛЕН ДУЕЛ МЕЃУ ЛИДЕРОТ НА СДСМ И ПРЕМИЕРОТ ВО СОБРАНИЕТО: Филипче го...

ВЕРБАЛЕН ДУЕЛ МЕЃУ ЛИДЕРОТ НА СДСМ И ПРЕМИЕРОТ ВО СОБРАНИЕТО: Филипче го обвини Мицкоски за криминал и навреди, тој му одговори дека зборува лаги

83

Во знакот на жесток вербален судир меѓу лидерот на опозициската партија СДСМ и премиерот Христијан Мицкоски измина денешната седница во македонското Собрание посветена на пратеничките прашања. Размената на жестоки критики беше полна со дискредитација, тешки квалификации, сè до психолошка анализа. При ова се слушаа навреди, меѓусебни обвинувања за криминал, за фрустрации од детството, за недостиг на домашно воспитување, сè до тоа дека „проработел и Фројд“. Во своето обраќање, Филипче упати серија остри критики кон премиерот.

– Сакам да кажам, почитуван премиеру, ама не можам. Ја почитувам функцијата, меѓутоа, премиеру, не и тебе лично, најмногу поради тоа што на тој начин ја практикуваш власта. Користиш разноразни пропагандни механизми, лажни кампањи, оцрнување, дискредитација. Правиш простор за политички отстрел на противниците, но и на твои блиски луѓе ако не работат како што мислиш ти – рече Филипче, кој му се обраќаше на премиерот Мицкоски со „ти“.

Тој го обвини премиерот дека повеќе од две години не одговара конкретно на прашањата, туку дека навредува и дефокусира. Филипче го повика Мицкоски да ги исполни дадените ветувања.

– Еве, премиеру, имаш шанса. Чекаат луѓето да го вратиш името. Врати го името. Чекаа да го поништиш Преспанскиот договор. Поништи го. Чекаа да го смениш или да го подобриш Договорот со Бугарија. Ајде, подобри го. Чекаа да ја подобриш преговарачката рамка. Ајде, подобри ја преговарачката рамка… Сто пати ветуваше. Ајде заштити го јазикот некако подобро, иако имаме договор потпишан на македонски јазик, потпишан со Европската Унија – рече Филипче.

Премиерот Христијан Мицкоски остро ги отфрли обвинувањата, при што рече дека нема намера да одговара на обвинувањата.

– Ме обвинивте дека сум трансферирал дрога, пари, што сѐ не се изнаслушав – од тоа дека сум идиот и не знам што уште. Нема да се спуштам на тоа ниво и да ви одговорам, мислам дека не заслужувате. Што е вашиот проблем? Вие сте медицинско лице, добро знаете што е потсвест. Тоа што го чувствувате вие како потсвест, го проектирате на другите. И тоа е проблем, ама тоа е ваш проблем, не е наш – истакна Мицкоски.

Премиерот возврати и на обвинувањата поврзани со спорните концесии и рудници, фрлајќи ја одговорноста врз поранешните влади предводени од СДСМ. Во однос на обвинувањата поврзани со унгарскиот кредит Мицкоски рече дека и Државната ревизија потврдила дека нема ни „к“ од криминал. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ