четврток, октомври 29, 2026
Дома СВЕТ Аеродромот во Неапол ќе биде затворен во текот на ноември

Аеродромот во Неапол ќе биде затворен во текот на ноември

18

Аеродромот „Неапол-Каподикино“ ќе биде затворен за воздушен сообраќај од 1 до 30 ноември поради голема реконструкција на пистата и поврзувачките патеки за рулирање – проект со вкупна инвестиција од 30 милиони евра – соопшти „Gesac“, компанијата што управува со аеродромите во регионот Кампанија.

За време на овој едномесечен прекин на работата, дел од домашните и меѓународните летови ќе бидат пренасочени кон аеродромот „Салерно-Коста д’Амалфи и Чиленто“. Оттаму, патниците ќе имаат пристап до вкупно 15 дестинации – шест во рамките на Италија и девет во странство – пренесува Napoli Today. Градежните работи ќе опфатат површина од приближно 250.000 квадратни метри, а на локацијата ќе бидат ангажирани околу 500 работници.

За да се осигура дека проектот ќе биде завршен според предвидениот рок, работите ќе се одвиваат непрекинато, 24 часа на ден, седум дена во неделата. Планот вклучува замена на постоечките слоеви на коловозот на пистата, вградување модерни материјали и надградба на системот за осветлување – што е од суштинско значење за безбедно полетување, слетување и движење на авионите, особено во услови на слаба видливост – наведуваат од компанијата.

Летовите од аеродромот во Салерно ќе опслужуваат дестинации како Бергамо, Милано, Џенова, Торино и Трст, додека меѓународните линии ќе го поврзуваат градот со Амстердам, Барселона, Казабланка, Дубаи, Дизелдорф, Штутгарт, Мадрид, Париз и Шарм ел Шеик. За превоз на патници помеѓу Неапол и аеродромот во Салерно ќе бидат воведени дополнителни автобуски линии.

Според планот на компаниите „Gesac“ и „Busitalia Campania“, предвидени се осум поаѓања дневно во секоја насока, при што цената на билетот во еден правец изнесува 12 евра. Билетите ќе можат да се купат во самиот автобус преку електронско плаќање. Исто така, ќе се зајакнат автобуските врски помеѓу аеродромот во Салерно и локалната железничка станица, а ќе се воведе и експериментална услуга за споделено такси со фиксни цени.

Повторното отворање на аеродромот „Неапол-Каподикино“ е закажано за 1 декември. На патниците кои патуваат во текот на ноември им се советува да проверат кај своите авиокомпании во однос на појдовната точка и евентуалните промени во нивните резервации.

ИЗДВОЕНИ