Затвореник избега од Општата болница во Серес, северна Грција, откако соучесници маскирани како полицајци ги разоружаа затворските чувари и го извлекоа од возилото за затворски транспорт, јавува грчкиот јавен сервис ERT.
Инцидентот се случи во петокот, кратко по 23:00 часот, кога надворешни чувари од затворот „Нигрита“ превезувале тројца затвореници до психијатриското одделение на Општата болница во Серес.
Заканувајќи се со „калашњикови“, тие извлекле од возилото 41-годишен албански државјанин – кој издржувал казна за трговија со дрога и обид за убиство – и побегнале заедно со него, јавува „Танјуг“.
За време на инцидентот, напаѓачите му одзеле и оружје на еден затворски чувар.
Грчката полиција започна опсежна потрага по избеганиот затвореник и неговите соучесници.
Според грчките медиуми, бегалецот се смета за опасен криминалец, а во минатото наводно пукал во Солун среде бел ден.











