Етничко гласање или изјаснување за најдобриот кандидат без оглед на неговата национална припадност на решавачкото гласање за избор на новиот градоначалник на Брвеница. Ваква дилема се појавува во пресрет на изјаснувањето на граѓаните в недела, во вториот изборен круг кога ќе се гласа меѓу двајцата кандидати – на Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој на првото гласање освои 2.945 гласа и Аркин Јахији од ДУИ, со 2.152 гласа. Според калкулациите, решавачко ќе биде каде ќе отидат гласовите на отпаднатите кандидати Јакуп Хусени од Вреди со 1.528 гласа, Јовица Радевски од СДСМ со 706 гласа, и независните кандидати Душан Богдановски со 55 гласа и Арифе Идризи со 21 глас. Изборните математики покажуваат дека ќе следува тесна битка. Така, на пример, ако се соберат гласовите што ги добија кандидатите етнички Македонци, тогаш ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и независниот кандидат Душан Богдановски имаат собрано вкупно 3.704 гласа. Во албанскиот блок, кандидатите на НАИ, на Вреди и независната Арифе Идризи, пак, заедно имаат 3.701 глас. Но, ваквата, етничка, математика сепак не мора да се покаже како точна бидејќи е дилема дали партијата Вреди, која е коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, директно ќе го поддржи Стојанчо Радичевски, и дали гласачите на опозицискиот СДСМ ќе го дадат својот глас за него? Исто така, прашање е дали одењето на кандидатот на Вреди од првиот круг Јакуп Хисени во штабот на ривалот од ДУИ Јахији за да му честита беше и порака до сите Албанци да го поддржат во недела?
Доближување на Вреди и ВМРО-ДПМНЕ
Комбинаториките за етнички изборни математики на задутрешното гласање ги подгрева и структурата на населението во оваа општина. Во неа, според пописот пред пет години, има вкупно 13.645 жители од кои 7.377 се изјасниле како Албанци, а 5.715 како Македонци, при што пред две недели на гласањето излегле 7.572 граѓани од вкупно запишаните 16.256 избирачи. Во таква ситуација, првиот повик да се гласа по етнички критериум дојде од редовите на опозициска коалиција НАИ предводена од ДУИ, кога пред десетина дена, лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, упати повик до партиите од албанскиот политички блок да го поддржат Јахији.
– Честитајќи му на Аркин Јахији за победата, ги повикувам сите албански партии да гласаат за овој чесен и посветен човек кој го почитува секој Албанец! – објави тогаш Таравари.
Од редовите на ДУИ, вчера не можеше да се добие коментар за тоа дали во овој период имале разговори со Вреди околу поддршката на нивниот фаворит на задутрешното изјаснување. Не е познато ниту дали имале контакти со опозицискиот СДСМ. Од редовите на социјалдемократите, набрзо по првиот круг, соопштија дека, како партија нема, да поддржат никого во финалното гласање.
– Нема пазарења со никого, нема непринципиелни коалиции. Ќе оставиме граѓаните да одлучат по сопствено убедување – објави тогаш лидерот Венко Филипче.
Наспроти ова, се чини, во пресрет на гласањето доаѓа до ново зближување на владините партнери Вреди и ВМРО-ДПМНЕ. Ова најмногу се забележува по ставовите на високите функционери од редовите на албанскиот партнер во Владата околу етничкото гласање. Така, еден од копретседателите на Вреди Билал Касами вчера не прецизира дали ќе го поддржат кандидатот на ДУИ Јахији и дека тоа ќе зависи од однесувањето на „интегративците“. Според него, ДУИ излегла како победник, но нивната посветеност зависи од тоа како ДУИ ќе се однесува во текот на овој период.
–Ако ДУИ продолжи да води кампања против Вреди, тогаш треба да расчистат сами со себе. Пред една година, кандидатот на Вреди ги отстрани сите политички и партиски симболи и во вториот круг побара гласови како Албанец, но ова не се случува сега. Покрај тоа, изјавите на високи функционери на НАИ и на ДУИ се дека тие ја победиле Вреди. Значи, ако нивната цел сè уште не е да ја освојат Брвеница, туку да излезат како победници против Вреди, тогаш тие свесно водат кампања да ја изгубат Брвеница. Ги молиме да бидат внимателни. Ако сакаат и веруваат дека имаат подобар кандидат за да ја води Брвеница, без оглед на етничката и на политичката припадност, тогаш нека водат таква кампања. Ако сакаат да покажат дека ја победиле Вреди, тогаш ќе ја изгубат општината. Значи, одговорноста за победата и поразот на општината е нивна. Ова им го кажавме уште од првиот круг. Можеме да ги поддржиме, но не можеме да ја обезбедиме победата во вториот круг – рече Касами.
Гаши со став да се гласа за најдобриот
Напоредно со ова, денеска и собранискиот претседател Африм Гаши, од редовите на Вреди, излезе со став да не се гласа етнички туку за најдобриот кандидат. Одговарајќи на новинарско прашање на брифингот со новинарите за неговиот коментар на изјавата на Арбен Таравари, кој ги повика сите Албанци во Брвеница да гласаат за кандидатот на ДУИ, Гаши рече дека не се согласува со тоа етничкото да има решавачка улога.
– Мојот светоглед на работите не е таков. За жал, подолго време, со наша политичка култура битката се бие на тие парадигми. Би кажал, мора да го надминеме тоа, кај и да е. Во поурбаните средини, мислам дека тоа се надминува, и е надминато. Мислам дека уште постои таков елемент. Дури не е само етнички по руралните средини. Тој локализам некогаш е и „дали некој е од едно село или друго“, што мислам дека воопшто не збори добро за нас како држава и треба сите да се замислиме дали во 2026 година единствен критериум за гласање е кој од кое село е. Мислам дека треба на секои избори да победи најдобриот кандидат и изборите во државата да ги гледаме од аспект на ефикасност, прагматичност и реализација на проекти. За жал, во нашата држава сè уште во некои делови и на некои избори се појавува и се повторува случајот да се гласа етнички. Би било добро да се гласа за најдобриот и да победи тој што ќе ја реализира предизборната програма, а потоа да им служи на сите граѓани без разлика на етничка припадност – нагласи Гаши.
Премиерот Христијан Мицкоски во серија обраќања при посетите на населените места во Брвеница и во Собранието, во одговорот на пратеничкото прашање на Скендер Реџепи од коалицијата НАИ, рече дека никој од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не повикал на етничко гласање. Тој нагласи дека пораките што ги испраќал во Брвеница биле дека граѓаните треба да гласаат по сопствено убедување и да не дозволат да ги делат луѓе кои овие избори ги гледаат како сламка за спас на нивните кариери.
– Луѓе од вашата коалиција излегоа и повикаа на етничко гласање. Од оваа коалиција никој не излезе, ниту од ВМРО, да рече гласајте етнички. Никој. Напротив, мојата порака беше, ќе сакаат да ве делат по етничка основа, немојте да дозволите. Тоа го направија од првиот ден. Немојте затоа што вие повторно ќе влегувате и во џамијата и во црквата. Повторно ќе бидете еден до друг. Тие ќе си заминат. За нив, ова е сламка за нивната политичка кариера, а за вас е сè. Немојте да дозволите ве молам, да ве делат, туку излезете, гласајте онака како што мислите дека треба да гласате за тој што мислите дека е подобар. Се разбира, јас сум дојден тука да го поддржам кандидатот што е на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата, но вие одлучете. Немојте луѓе од минатото да влијаат за вашата иднина – нагласи Мицкоски. (Б. Ѓ.)












