Обид за убиство се случил вчера наутро во стан во загрепската населба Максимир, по расправија што ескалирала во физичка пресметка. Во таа пргода, 28-годишен бразилски државјанин го повредил својот 31-годишен партнер, државјанин на Босна и Херцеговина, со остар предмет.
Инцидентот се случил околу 8:30 часот наутро во стан на улицата Ферде Ливадиќа, а според полициските информации, на физичката пресметка ѝ претходела вербална расправија меѓу двајцата партнери. За време на пресметката, Бразилецот го повредил државјанинот на Босна и Херцеговина. Полицијата соопшти дека ниту еден од нив немал регуларна дозвола за престој во Хрватска.
Повредениот маж бил однесен во Клиничкиот болнички центар во Загреб, каде што му биле констатирани полесни повреди.
Полицијата го уапсила 28-годишникот на местото на настанот и го привела за кривична обработка поради сомнение за сторено кривично дело обид за убиство на блиско лице. По завршувањето на истрагата, тој бил предаден на надзорникот на притворот, а против него е поднесена кривична пријава до надлежното обвинителство.
Претставникот на станарите на зградата, Златко Шпољар, изјави дека станарите слушнале гласен шум, по што некој ја повикал полицијата. Кога се спуштил во подрумот, брзата помош веќе била на местото на настанот. Тој исто така изјавил дека осомничениот не се обидел да избега по нападот, туку останал во станот.
– Стоев до него додека не пристигна полицијата. Изгледаше вознемирен, но не беше агресивен кон другите – рече Шпољар.
Додаде дека станува збор за стан во подрум од околу 40 квадратни метри кој неодамна бил реновиран и дека е можно двајцата мажи да се вселиле неодамна.
– Ги видов за прв пат вчера. Се поздравивме нормално – рече тој, пренесе хрватски „Индекс“.












