понеделник, ноември 16, 2026
Дома БАЛКАН ПРОПУСТ ВО БРИСЕЛ, КОС ИЗРАЗИ ЖАЛЕЊЕ: Изведена е српска песна за Косово,...

ПРОПУСТ ВО БРИСЕЛ, КОС ИЗРАЗИ ЖАЛЕЊЕ: Изведена е српска песна за Косово, Приштина бара објаснување/ВИДЕО

1

На концертот одржан во неделата вечерта во Брисел, по повод отворањето на Форумот за проширување на ЕУ, беше изведена песната „Ој Косово, Косово“. По ова, косовските претставници побараа објаснување од Европската комисија, а комесарот за проширување, Марта Кос, изрази жалење.

Концертот, насловен „Мелодии на единството: Хармонии од европската раскрсница“, се одржа пред главниот дел од програмата на Форумот. Според програмата на Европската комисија, меѓу изведувачите беа словенечкиот музичар Марко Хатлак со неговиот ансамбл „Капобанда“, како и Младинскиот оркестар на Западен Балкан.

На концертот беше изведена музика од земјите во регионот. За Косово беше избрана песната „Са Косова зора свиќе“ („Зора осамнува над Косово“) – препознатлива по рефренот „Ој Косово, Косово“. Иако беше изведена инструментално, без текст, јасно е дека ова дело претставува традиционален српски, а не косовски музички стил.

Албулена Хаџиу, претседателка на Собранието на Косово, на Фејсбук напиша дека е „длабоко загрижувачки“ што на отворањето на Форумот била изведена музика од српска националистичка песна – за која таа наведе дека промовира територијални претензии кон Косово. Таа побара објаснување од Европската комисија.

Јетон Зулфај, главен преговарач на Косово со ЕУ, ја окарактеризира изведбата како скандалозна и неприфатлива, истакнувајќи дека еден настан на ЕУ посветен на проширувањето не би смеел да биде платформа за српски национализам. Тој додаде дека песната настанала во периодот кога Слободан Милошевиќ ги одземал правата на Косово. Рихо Терас, известувачот на Европскиот парламент за Косово, смета дека станува збор или за намерна провокација или за целосно непознавање на работите.

Песната е напишана во 1989 година од белградскиот пејач и композитор Љубомир Манасијевиќ, по повод одбележувањето на 600-годишнината од Косовската битка. Како што има изјавено во претходни интервјуа, тој црпел инспирација во манастирот Грачаница, каде што, заедно со илјадници други луѓе, бдеел во пресрет на Видовден – пред големиот собир на Газиместан, каде што Слободан Милошевиќ одржа говор. Песната се здоби со поширока популарност по прогласувањето на независноста на Косово во 2008 година, кога беше изведувана на протести во Србија под паролата „Косово е Србија“.

Кос: Песната не ги одразува ставовите на Комисијата

Во понеделникот во Брисел, пред главниот дел од Форумот, комесарката Кос им изјави на новинарите дека жали за изборот на песната што ја изведоа музичарите, нагласувајќи дека таа на ниту еден начин не ги одразува ставовите на Европската комисија.

Таа додаде дека Комисијата е целосно свесна за жртвите и страдањата што ги доживеале луѓето низ поранешна Југославија. Таа истакна дека помирувањето не значи заборавање на минатото или игнорирање на разликите, напротив, тоа подразбира изградба на Европа во која таквите разлики не претставуваат пречка за заедничка иднина.

Вториот Форум на ЕУ за проширување, со наслов „Поширока Европа – посилна Европа“, се одржува на 15 и 16 ноември, а домаќин е Марта Кос.

ИЗДВОЕНИ