Товарен брод што плови под сомалиско знаме тоне во Црното Море, во рамките на исклучителната економска зона на Бугарија, а судбината на 12-те членови на екипажот останува непозната, соопшти во понеделникот бугарското Министерство за транспорт.
Бугарските власти добиле повик за помош од бродот, кој превезувал пченица од Романија кон Египет. Според официјалните информации, на бродот имало 12 членови на екипажот, но моментално не се знае каде се тие.
Причината за инцидентот сè уште не е утврдена.
Инцидентот се случува во услови на зголемени тензии во Црното Море, каде што во последните недели се забележани неколку напади со беспилотни летала врз трговски бродови во близина на бугарскиот и романскиот брег. Експертите ги поврзуваат овие инциденти со војната меѓу Русија и Украина, пренесува „Хина“.
Во неделата, романскиот претставник Лука Никулеску изјави дека беспилотни летала нападнале три трговски бродови во Црното Море, недалеку од романскиот канал Сулина.
Според него, романската војска во два наврати кренала борбени авиони поради безбедносни закани.
Во понеделникот во Брисел, романскиот дипломат Дан Некулаеску изјави дека неговата земја ќе побара дополнителна поддршка од европските партнери и ќе ја зајакне соработката со НАТО, со оглед на сè посериозната безбедносна ситуација во Црното Море.
„Во последните 24 часа имавме четири аларми поврзани со беспилотни летала, а за време на викендот беа погодени три брода. Ова е неприфатливо“, изјави Некулаеску пред редовниот состанок на министрите за надворешни работи на Европската унија.
Тој најави дека од своите европски колеги ќе побара продолжување на зајакнувањето на воените капацитети во Романија, како и подобрување на координацијата меѓу ЕУ и НАТО со цел заштита на поморскиот сообраќај во Црното Море.
Засега нема потврда дека тонењето на товарниот брод е поврзано со нападите со беспилотни летала.












