недела, јули 26, 2026
Дома СКОПСКА Лаптопи за првенците на генерацијата

Лаптопи за првенците на генерацијата

45

Град Скопје им оддаде признание на најдобрите ученици од средните училишта на манифестацијата „Првенец на генерација“, што се одржа во вторникот вечерта. Годинава, по првпат, секој првенец на генерација добива и лаптоп – алатка што ќе им помогне да продолжат да учат, истражуваат, создаваат и да ги развиваат своите таленти. Тоа, како што истакна скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, е признание за трудот, знаењето и за посветеноста.

– Ова е порака дека нивниот труд се вреднува, нивниот успех се почитува и дека Градот Скопје верува во нивната иднина и секогаш ќе биде нивна поддршка. Образованието е најсилната инвестиција во иднината. Токму преку знаењето, трудот и воспитувањето се градат генерации кои утре ќе ја водат Македонија напред со идеи, со чесност, со работа и со љубов кон својата земја – нагласи Ѓорѓиевски.

Тој најави дека поддршката на Град Скопје за образованието ќе продолжи и преку организирање научно-наставен камп, летување за талентирани ученици и ученици од социјално загрозени семејства, потоа со обезбедување бесплатни униформи, современи лаборатории, подобри услови во училиштата, уредени дворови, нова урбана опрема, спортски комплекси, топлотни пумпи, фотоволтаици итн.

– Силно вложуваме во образованието, затоа што иднината на Скопје и Македонија започнува токму од училишните клупи –  дециден е Ѓорѓиевски.

Тој на првенците им порача да го следат својот сон, да веруваат во себе и никогаш да не се откажуваат од она што ќе ги движи напред.

– Секој голем успех започнува со храброст да се сонува и со упорност тој сон да се оствари. Верувам дека меѓу вас се идните професори, лекари, инженери, уметници, спортисти, научници, претприемачи и лидери кои ќе ја градат иднината на Скопје и на Македонија. Бидете горди на себе, но останете скромни. Бидете амбициозни, но останете луѓе. Продолжете да учите, да сонувате и да чекорите храбро напред – наведе Ѓорѓиевски.

Тој им честита на сите првенци на генерацијата, на нивните родители и наставници и им посака многу успеси во иднина и убав, радосен и заслужен летен одмор.

 

ИЗДВОЕНИ