четврток, октомври 29, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Со онлајн список, но без торба за на пазар – пиперки и...

Со онлајн список, но без торба за на пазар – пиперки и домати за пола час на врата!

Е-трговијата сè повеќе ги менува навиките за купување на граѓаните, кои наместо да одат во продавница, сè почесто нарачуваат производи од удобноста на својот дом. Покрај облеката, обувките и белата техника, преку интернет денес може да се нарачаат и свежи продукти, како домати и пиперки, кои во одредени случаи се доставуваат за само половина час до еден час. Игор Гешовски, основач и извршен директор на компанијата за брзи пошти и логистика „Екологистик сервис“ (ЕЛС), во изјава за весникот ВЕЧЕР посочува дека поштенските услуги се приспособуваат на забрзаниот развој на е-трговијата и на сè поголемите очекувања на потрошувачите за брзо, сигурно и ефикасно доставување

1103

Граѓаните сè повеќе ги менуваат своите потрошувачки навики. Наместо да губат време во продавниците во потрага по посакуваните производи, сè почесто се одлучуваат за онлајн купување од удобноста на својот дом, со само еден клик на телефонот или компјутерот. Доколку порано еден од главните предизвици на интернет-купувањето беше времето потребно за испорака, денес и тоа значително се менува. Благодарение на развојот на логистиката и доставните услуги, нарачките пристигнуваат многу побрзо, а кај одредени услуги испораката може да се реализира и за половина час до еден час. Покрај гардеробата, обувките и белата техника, кои веќе подолго време се меѓу популарните производи за онлајн купување, граѓаните сè почесто нарачуваат и храна преку интернет-платформи што нудат брзо доставување. Овој тренд покажува дека е-трговијата станува сè позастапен дел од секојдневието, а брзината, практичноста и достапноста се меѓу главните причини за нејзиниот раст.

Во вакви услови, важна улога имаат поштенските и доставните услуги, кои треба да одговорат на зголемениот број нарачки и на очекувањата на потрошувачите за навремена, сигурна и ефикасна испорака. Сепак, покрај напредокот, во овој сектор сè уште постојат предизвици што влијаат врз квалитетот на услугата и врз задоволството на купувачите.

Игор Гешовски, основач и извршен директор на компанијата за брзи пошти и логистика, „Екологистик сервис“ (ЕЛС), во изјава за весникот ВЕЧЕР посочува дека поштенските услуги се приспособуваат на развојот на е-трговијата, која значително ги менува навиките на потрошувачите и начинот на кој производите стигнуваат до крајните купувачи.

– Денес граѓаните го променија концептот на купување. Наместо тие да одат во продавниците, продавниците доаѓаат кај нив дома. Луѓето се адаптираа на нов модел – кога нешто им е потребно, сакаат да го добијат истиот ден. Ние воспоставивме ефикасен систем за доставување, кој овозможува пратките да стигнат до примателите во текот на истиот ден. На пример, доколку нарачката се испраќа од Прилеп, Битола или од друг град кон Скопје, таа може да биде доставена во текот на денот, додека во рамките на Скопје, испораката може да се реализира за половина час до еден час. Освен граѓаните, овие поштенски услуги сè почесто ги користат и компаниите бидејќи тие се поекономично и поефикасно решение отколку да воспоставуваат сопствени логистички центри, изјави Гешовски.

Тој додава дека во развиените држави, каде што постои прецизен адресен систем, поштенските услуги полесно го следат развојот на е-трговијата. Според него, точните адреси и соодветната инфраструктура се важни предуслови за навремена и непречена испорака.

– Кај нас сè уште се соочуваме со проблеми во овој дел. Промените на имињата на улиците, неточните адреси, несоодветните поштенски сандачиња и погрешните броеви го забавуваат целиот процес на доставување, посочува Гешовски.

Проблемите не завршуваат само со адресирањето. И самата испорака до крајниот корисник останува еден од предизвиците за развојот на онлајн трговијата. Иако купувачите очекуваат нарачките да пристигнат брзо и сигурно, директно на посакуваната адреса, сè уште има случаи кога мора да го преземат производот пред зградата, наместо да им биде доставен до вратата.

– Купувачите имаат сè повисоки очекувања во однос на брзината и квалитетот на услугата, а ние сè уште се соочуваме со ситуации кога треба да го преземат производот пред зградата, наместо да им биде доставен до врата, посочува Нина Ангеловска-Станков, претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ).

Недоволно ефикасната логистика може да влијае врз целокупното искуство на купувачите и нивната доверба во онлајн трговијата. За компаниите, доцнењето на пратките и неуспешните испораки можат да значат дополнителни трошоци, незадоволни клиенти, но и одбивање или непреземање на нарачаните производи. Затоа, покрај брзината, важни се и добрата организација, точната адреса, навремената комуникација со купувачот и сигурноста на испораката.

Дополнителен фактор што може да влијае врз онлајн купувањето се и даночните давачки за пратките. Гешовски засега не очекува конкретни најави за воведување нови давачки, но смета дека, имајќи ги предвид состојбите во државата и потребата од дополнителни средства во буџетот, можно е во иднина да се воведат и дополнителни такси.

– Засега нема најави за воведување нови давачки, освен веќе донесената одлука за наплата на ДДВ за секоја пратка, без оглед на нејзината вредност. Сепак, имајќи ја предвид состојбата во државата и потребата од дополнителни средства во државната каса, лично очекувам дека во иднина би можело да се воведат и дополнителни такси. Она што е особено нелогично е тоа што за пратките од САД, според актуелниот режим, нема ниту данок ниту царина, додека за пратките од Кина се предвидуваат дополнителни давачки. За мала држава, која по дефиниција треба да се залага за либерална и отворена економија, ваквата селективност е сериозна грешка и на подолг рок може да предизвика негативни последици, смета Гешовски.

Искуствата на граѓаните со доставувањето се различни. Дел од нив се задоволни од брзината на услугата и велат дека курирот ги контактирал и им ја доставил пратката само еден час по нарачувањето. Други, пак, посочуваат дека и за производи нарачани од домашни компании понекогаш чекале и по една недела за испорака. Овие разлики укажуваат дека квалитетот и брзината на доставувањето сè уште не се исти кај сите компании и услуги.

Развојот на е-трговијата не зависи само од можноста производите да се нарачаат онлајн туку и од тоа колку брзо, сигурно и едноставно ќе стигнат до купувачите. Иако доставните услуги бележат напредок и сè повеќе се приспособуваат на современите навики, потребни се дополнителни вложувања во логистиката, подобрување на адресниот систем и поголема ефикасност при испораката. Истовремено, јасните и предвидливи правила за даночните давачки се важни за граѓаните и за компаниите што купуваат и продаваат преку интернет.

На крајот, брзото и сигурно доставување останува еден од клучните услови за доверба во онлајн трговијата. Колку повеќе се подобруваат логистиката и квалитетот на услугите, толку полесно граѓаните ќе ги прифаќаат дигиталните начини на купување, а компаниите ќе можат да одговорат на нивните сè поголеми очекувања.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ