Под слоганот „На ти го, дај ми го“, Центарот за истражување и информирање за животната средина „Екосвест“, в сабота, од 11:00 до 14:00 часот, во Бистро Комедија ќе ја одржи четвртата по ред „Екотрампа“ .
Настанот има за цел да ја подигне јавната свест за прекумерниот консумеризам и да понуди практично решение за намалување на отпадот преку повторна употреба на предмети.

– Концептот на „Екотрампата“ е едноставен и отворен за сите заинтересирани граѓани. Секој посетител може да донесе до три добро зачувани предмети кои веќе не му се потребни, како што се облека, книги, модни додатоци, детски играчки или ситни функционални апарати. За замена, учесниците можат слободно да одберат нешто што им е потребно од изложените материјали донесени од другите присутни – објаснуваат од „Екосвест“.
Оттаму нагласуваат дека клучниот услов за учество е донесените предмети да бидат чисти, уредни и во целосно функционална состојба, со цел да се осигури квалитетот на размената. За да ја поддржат еколошката свест на граѓаните, организаторите во соработка со домаќините обезбедуваат бесплатно кафе за секој учесник кој ќе се вклучи во трампата.












