среда, октомври 28, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА СТАРИ И БЕСПОМОШНИ, СВИРЕПО НАПАДНАТИ ВО СВОИТЕ ДОМОВИ – ДВЕ УБИСТВА ЗА...

СТАРИ И БЕСПОМОШНИ, СВИРЕПО НАПАДНАТИ ВО СВОИТЕ ДОМОВИ – ДВЕ УБИСТВА ЗА ПЕТ ДЕНА ГО ЗАВИЈА СКОПЈЕ ВО СТРАВ

ЧЕТВОРИЦА ОСОМНИЧЕНИ ЗА РАЗБОЈНИШТВО И ЗА СМРТТА НА ДВАЈЦАТА ОД ЃОРЧЕ

600

П.АНТЕСКА

Полицијата уапси четиричлена група, претежно млади момчиња на дваесетина години, кои насилно влегле во куќите на жртвите од скопско Ѓорче Петров, со намера да ги ограбат, доведувајќи ги до свирепа смрт. Безмилосно ги мачеле двајцата повозрасни жители, со здравствени проблеми, маж од населбата Хром и жена што живеела во близина на училиштето „Мирче Ацев“. Осомничени се за разбојништво што довело до последица смрт, велат од полицијата. Тројца се од Скопје, а еден од Струмица.

– СВР Скопје на 27.10.2026 лиши од слобода четири лица, А. С. (22), Х. Е. (20), К. А. (58), сите од Скопје, и М. Р. (26) од Струмица, кои се сомничат за двете кривични дела „разбојништво“ со последица смрт по член 237 став 5 од Кривичниот законик, извршени на територијата на скопски Хром на 22.10.2026 и на Ѓорче Петров на 27.10.2026 – соопштија од МВР.

Се очекува Судот да го прифати барањето на Обвинителството за краткотраен притвор за сите четворица разбојници, време кога треба да се соберат цврсти докази за поднесување кривична пријава против нив. Институциите не ги споделија наодите од обдукцијата, кои треба да го дадат одговорот на прашањето кој бил кобниот удар што довел до смрт кај двајцата невини луѓе, кои живееле сами.

Сознанието дека за само пет дена се случија две убиства во населбата, внесе страв и трепет во соседството, особено кај повозрасните жители од оваа скопска населба, каде што пред 17 години серискиот убиец Виктор Карамарков убиваше повозрасни жени, ограбувајќи ги и усмртувајќи ги со секирче.

фото П.Стојановски

– Нормално дека не ни е сеедно, гревота така што почина, од насилство. Стара жена, кој знае што ѝ се случило, душата ѝ ја извадиле. Страшно време дојде – коментира познајничка на втората жртва, која вели дека не се чувствува безбедно ниту прекуден.

Екипата на весникот ВЕЧЕР ја дочека празна улицата „Ѓурчин Кокале“ во населбата Ѓорче Петров, каде што беше пронајдена мртва 76-годишната Олга, од ќерката што ѝ дошла во посета. Штуро меѓу куќите, во исчекување на информации кој ја уби мајката, сестра и сосетка, вредна и добра домаќинка по описот на најблиските. Слепата уличка се наоѓа во непосредна близина на улицата „Борис Сарафов“ кај основното училиште „Мирче Ацев“, дел од урбаната населба – со фреквенција и од луѓе и од сообраќај. Но, тоа не ги спречило разбојниците да влезат во старата и трошна куќа на жената, искористувајќи погоден момент, кога немало никој на улицата и брутално да ја нападнат во обид за кражба.

– Дознав дека ја нашле тепана и малтретирана. Некој влегол да ја ограбува. Имаше ќерка, колку што знам, таа живее во друг стан, ама доаѓаше, ја посетуваше. Летово беше тука со неа. Жената ја знаеме како добра комшика, како домаќинка – изјави сосетката, која живее наспроти куќата на убиената жена.

Многу веројатно е дека безмилосните разбојници ги избирале жртвите, повозрасни и болни луѓе, кои живееле сами, таков профил била и првата жртва, мажот од Хром. Иако полицијата брзо ги најде сторителите, сепак, остануваат животот во страв и прашањето за безбедноста во сопствениот дом.

– Сега брзо се стемнува, уличните светилки се палат малку подоцна. Каков е овој живот, со страв да излезеш на улица? – велат сосетките на несреќната Олга.

Кога станува жртвата цел: може ли навремената превенција да спречи трагедија?

Зад кривичното дело разбојништво чл. 237, став 5 (разбојништво со смртни последици) не стои само прашањето за мотивот на сторителот туку и за начинот на кој е избрана жртвата и околностите што овозможиле имотниот криминал да прерасне во смртоносно насилство. Дали станува збор за однапред избрана цел или за искористена прилика, одговорот ќе го даде истрагата. Но, токму тука почнува криминолошката анализа, објаснува за весникот ВЕЧЕР Дејана Спасовска, дипломиран криминолог.

– Во криминологијата постои едноставно правило: згодната прилика го прави крадецот. Тоа не значи дека приликата го создава криминалецот, туку дека одредени околности може да го олеснат извршувањето на кривичното дело. Дополнително внимание заслужува и фактот дека, според објавените информации, се осомничени четири лица во случаите. Групното дејствување отвора прашања за можната поделба на улогите, меѓусебното влијание и начинот на кој присуството на повеќемина сторители може да ја зголеми беспомошноста на жртвата. Групната динамика е важен фактор при анализата на насилното однесување, но не е доказ сама по себе дека однапред бил организиран нападот. Тука би ја споменала теоријата на рутинска активност, која го објаснува овој момент преку спојот на мотивиран сторител, погодна цел и недоволна заштита. Следењето на секојдневните навики, доколку било присутно, би можело да му овозможи на сторителот да ги процени околностите, но само истрагата може да утврди дали се случило тоа во конкретните случаи. Затоа, покрај индивидуалната одговорност, важно е да се разјаснат и односите меѓу осомничените и степенот на нивната вклученост – анализира Спасовска за ВЕЧЕР.

Според неа, постарите лица, особено оние што живеат сами или имаат ограничена поддршка, може да бидат изложени на дополнителни ризици. Сепак, возраста не e тоа што автоматски ги прави цел. Клучното прашање е дали намерно ги избрал сторителот, дали располагал со претходни информации за нив или ја искористил конкретната ситуација, заклучува нашата соговорничка.

– Токму затоа позорникарството може да има важна превентивна улога. Редовното присуство на полицијата во населбите, непосредниот контакт со граѓаните, разговорите со постарите лица и препознавањето повторливи сомнителни појави може да придонесат за порано откривање на ризиците и за поголема доверба во институциите. Позорникарот не е само присутен униформиран службеник туку и важна алка меѓу заедницата и полицијата. Како дополнителна заштита, може да се споменат сигурносните брави, контролата на пристапот до домовите, проверката на непознати посетители, соседската солидарност и редовниот контакт со семејството. Но, одговорноста не смее да се префрли врз потенцијалната жртва. Превенцијата бара и институционална реакција, анализа на претходните кривични дела и навремено постапување по пријавите – вели Спасовска во анализата на убиствата што ја потресоа јавноста и влеаја страв во домовите на повозрасните луѓе.

ИЗДВОЕНИ