четврток, октомври 29, 2026
Дома КУЛТУРА Меѓународна научна конференција за 80 години Институт за класични студии на Филозофскиот...

Меѓународна научна конференција за 80 години Институт за класични студии на Филозофскиот факултет во Скопје

42

Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје, по повод својот голем јубилеј – 80 години од своето основање и континуирана дејност, организира меѓународна научна конференција под наслов „Studia Classica Anniversaria 80 години Институт за класични студии“, од 29 ‒ 31 октомври на Филозофскиот факултет во Скопје.

Свеченото отворање на настанот е на 29 октомври со почеток во 9:30 часот во Свечената сала на Филозофскиот факултет во Скопје.

На оваа значајна конференција ќе земат учество преку 60 истакнати научници и истражувачи од Северна Македонија и ширум Европа, вклучувајќи ги Бугарија, Грција, Полска, Словенија, Србија, Хрватска и Шпанија. Во текот на трите конференциски денови, учесниците ќе ги презентираат своите реферати во Свечената сала и во Амфитеатарот бр. 4 на Филозофскиот факултет.

Програмата на конференцијата опфаќа исклучително богати, многубројни и разновидни теми кои ја поврзуваат антиката со современиот свет. Излагањата ќе се зафатат со прашања од старогрчкиот, латинскиот, новогрчкиот, српскиот и македонскиот јазик, а ќе бидат елаборирани теми од областа на античката, средновековната, нововековната и современата книжевност, култура, историја, философија, уметност, лингвистика, реторика, превод, теологија, епистолографија, секојдневие, па дури и древните технологии и ботаника.

Како посебен настан, на вториот ден од конференцијата ќе биде промовирано второто и дополнето издание на „Библиографија на вработените и дипломираните на Институтот за класични студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје“, која претставува значаен сведок за долгогодишниот научен и едукативен придонес на оваа институција.

ИЗДВОЕНИ