И ова лето, скопјани ќе останат со куси ракави, но без можност за соодветно разладување. Комплексот „Езеро Треска“, кој некогаш беше синоним за летната шема, сега чмае запуштен, се дозволува да се злоупотребува и кањонот Матка, а и патот до него е преполн со дупки. Не работи ниту аквапаркот во рамките на спортскиот центар „Борис Трајковски“. Тоа значи дека граѓаните, и ова лето, ќе нема каде да избегаат од жешкото сонце. Остануваат на располагање Олимпискиот базен, и базенот во Карпош, кој исто така чека реконструкција наесен, како и отворениот базен во Аеродром, некогаш познат како Воен базен
И ова лето, скопјани ќе останат со куси ракови, но без можност за соодветно разладување. Комплексот „Езеро Треска“, кој некогаш беше синоним за летната шема, сега чмае запуштен, се дозволува да се злоупотребува и кањонот Матка, а и патот до него е преполн со дупки. Не работи ниту аквапаркот во рамките на спортскиот центар „Борис Трајковски“. Тоа значи дека граѓаните, и ова лето, ќе нема каде да избегаат од жешкото сонце. Надлежните и годинава не се потрудија да им овозможат да ги надминат горештините, забавувајќи се и разладувајќи се.
Остануваат на располагање Олимпискиот базен, и базенот во Карпош, кој исто така чека реконструкција наесен, како и отворениот базен во Аеродром, некогаш познат како Воен базен.
Ниту Општина Сарај ниту Агенцијата за промоција на туризмот, која беше укината, не можеа да го заживеат комплексот „Езеро Треска“, иако имаше безброј ветувања, но и промовирање на самиот Детален урбанисти план според кој би се градел.
Од Министерството за култура и туризам објаснуваат дека постапката за прогласување на езерото Треска за туристичка развојна зона била иницирана од страна на Општина Сарај, по нивно барање, додека целокупната постапка до донесувањето на Одлуката за формирање ја спроведувала Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
– По формирањето на Комисијата, која работеше повеќе од една година, беа констатирани сериозни предизвици и проблеми во законската имплементација на постапката. Во рамките на своите надлежности, Комисијата подготви и достави предлог-оглас со утврдени услови за отуѓување на државно градежно земјиште, кој требаше да биде објавен од страна на Владата. Со укинувањето на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, целата постапка беше запрена. Во моментот не постои институција која има јасно утврдена надлежност за спроведување на одредбите од овој закон – децидни се од Министерството за култура и туризам.
Оттаму додаваат дека во меѓувреме била формирана работна група која работи на измени на Законот, со цел негово целосно усогласување и практична примена.
– Процесот бара дополнително време за усогласување на ставовите на сите засегнати страни, подготовка и донесување на законските измени. По донесувањето на измените и воспоставувањето на условите за нивна ефективна примена, ќе може да се разгледа можноста за продолжување на постапката, доколку сè уште постои интерес за нејзина реализација, или, доколку е потребно, да се почне нова постапка согласно со новите законски решенија – тврдат од Министерството за култура и туризам.
И од Општина Сарај и од Град Скопје се оградуваат од надлежноста за ставање во функција на овој комплекс.
Од Општина Сарај, во чија надлежност претходно беше комплексот „Езеро Треска“, велат дека сега немаат никакви ингеренции врз него.
– Овој комплекс му беше предаден на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Тој беше прогласен за слободна туристичка зона и проектот би требало да го реализира Министерството за култура и туризам – одговорија од Општина Сарај.
Што се однесува до езерото Треска, градските власти велат дека немаат никаква надлежност, но нагласуваат дека поддржуваат каква било зелена или туристичка идеја, доколку постои, од страна на Општина Сарај која, како што нагласуваат, е во комуникација со централните органи.
За кањонот Матка, од Град Скопје наведуваат дека интензивно ќе се грижат во делот на нивната надлежност, односно самото место да биде чисто и уредено.
-Паралелно изготвуваме проект за реконструкција на улицата од Сарај до Матка, со предвидени дополнителни паркинг-места, со што се придонесува атрактивноста на кањонот да им се доближи на посетителите. Исто така, бараме решение каде и дали е возможно изградба на монтажно игралиште – нагласуваат од Град Скопје.
Ни помалку, ни повеќе останува „Олимпискиот базен“, од каде што уверуваат дека и ова лето тој ќе биде перфектно место за рекреација, релаксација и сончање на граѓаните.
– Базенот нуди најдобри услови за спорт и рекреација, со проверен квалитет на вода од Центарот за јавно здравје – Скопје, 24/7 електронска филтрација и највисок степен на хигиена, чистење на базенските подови со специјализирани роботи и редовен дотур на свежа вода односно се за перфектно искуство и релаксација – уверува Мартин Маневски, управител на базенот.
Од 15.06.2026, базенот ќе работи за дневна рекреација од 07.00 до 16.00 часот и од 20.30 до 23.00 за ноќна рекреација, додека за пливачките клубови и школите за пливање ќе работи од 16.00 до 20.30 часот. Отворената тераса со бесплатни лежалки и чадори ќе биде отворена од 10.00 до 16.00 часот. Базенот работи од понеделник до сабота.
– Цената на единечните влезници остануваат исти како претходните години, односно за дневна рекреација е 500 денари, додека за ноќна рекреација е 600 денари за целиот дневен или ноќен термин, а посетителите што сакаат да доаѓаат почесто, имаме месечни припејд-карти со многу поволна цена – информира Маневски.
Од базенот во рамките на спортско-рекреативниот центар „Борис Трајковски“ не знаеја да кажат дали ова лето ќе биде отворена платформата со лежалки, со оглед на тоа дека беше најавено оти од септември базенот ќе се реконструира. Потврдија дека и ова лето нема да профункционира аквапаркот, чии реквизити пропаѓаат веќе трета година.
(А. П.)












