Променливо облачно време со повремени врнежи од дожд ја очекува Македонија во наредните денови, а пообилни врнежи се најавуваат за недела и почетокот на следната седмица. Во меѓувреме, од Европа пристигнуваат најави за осетно заладување, при што температурите во делови од јужна и централна Европа би можеле да бидат и до пет степени под просекот.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), денеска времето во Македонија ќе биде променливо облачно, со краткотрајни сончеви периоди. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на магла.
Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, кој повремено ќе засилува на некои места долж Повардарието.
Во следните денови ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. Пообилни врнежи се очекуваат во недела и на почетокот на следната седмица. Утринската магла ќе биде можна и во наредниот период, особено во одделни котлини, а ветерот ќе биде претежно од северен правец.
Во меѓувреме, осетно заладување ја очекува централна и јужна Европа, најави италијанскиот метеоролог и атмосферски физичар Марко М. М. во објава на социјалната мрежа Икс.
Според неговите прогнози, студен воздух од Источна Европа ќе донесе временски услови што повеќе ќе наликуваат на крајот на ноември или почетокот на декември, отколку на актуелниот период.
„Во однос на сегашните вредности, температурите ќе се намалат за пет до шест степени Целзиусови“, посочува метеорологот, додавајќи дека за попрецизна прогноза треба да се почекаат уште околу 36 часа.
Најавите укажуваат и дека првите десет дена од ноември би можеле да бидат постудени од вообичаеното за овој период од годината, со температури и до четири-пет степени под просекот.
Засега, за Македонија во прогнозата на УХМР се најавуваат променливо облачно време и дожд, со пообилни врнежи во недела и на почетокот на следната седмица.












