Службите на Општина Центар спроведуваат интензивна пролетна акција за косење трева со цел да се обезбедат чисти, уредени и прегледни зелени површини на подрачјето на целата општина.
Екипите на Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ деновиве косеа во Капиштец, Дебар Маало, Пролет, спроти Веро, парк на Франкофонијата, кај „Агромеханика“, Градски ѕид, Водно, и општинските училишта.
Денеска службите се на терен на Кале, а во наредните денови активностите продолжуваат во населбата Буњаковец.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски посочи дека станува збор за пролетна акција за уредување на зелените и тревните површини согласно пропишаните стандарди.
-Цел ни е да имаме зелени површини што ќе бидат безбедни од појава на влекачи и глодари. Дополнително, спроведена е и редовна пролетна дератизација низ целата територија на општината. И наредниов период продолжуваме со активности за косење и одржување на зеленилото во Центар – рече Герасимовски
На граѓаните им е достапна и телефонската линија 076 350 767, на која можат да пријават израсната трева и неуредени јавни површини што се во надлежност на Општина Центар за да можат службите навремено да постапат.












