Реконструкцијата на вториот и третиот ешалон на власта се очекува да заврши до крајот на овој месец, а за во декември е договорена лидерска средба на партнерите во владината коалиција. Ова денеска го најави македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, за време на посетата на скопската населба Инџиково, каде што присуствуваше на отворањето на нова детска градинка. Одговарајќи на новинарски прашања во врска со изјавата на лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, дека неговата партија ќе ја напушти Владата доколку биде усвоен законот за правосуден испит, Мицкоски оцени дека владината коалиција е стабилна, но дека се планира лидерска средба за идниот месец.
– За ставот на Димитриевски ќе го прашате него. Владата се избира со мнозинство во Парламентот, а тоа мнозинство изнесува 61 пратеник. Во моментов имаме многу повеќе од 61 пратеник, така што Владата е стабилна, можеби и најстабилна во овој дел од Европа, па и пошироко. Продолжуваме да го испорачуваме за граѓаните она што е важно за нив – рече премиерот.
Тој потврди дека разговарал со Димитриевски и за можноста за лидерска средба, посочувајќи дека коалициска лидерска средба е планирана за декември.
Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, пак, во интервју рече дека партијата е составен дел на Владата и мнозинството во Собранието сè додека не се нарушат елементарните принципи на договорот за учеството во Владата. Тој додаде дека ЗНАМ нема да прифати решенија што го усложнуваат правниот систем и го доведуваат во прашање уставниот поредок на државата. За законското решение за полагање на правосудниот испит, според кое теоретскиот дел ќе се полага и на албански јазик, а практичниот на македонски, кое е испратен на мислење во Венециската комисија, Димитриевски рече дека ЗНАМ, без разлика дали е на власт или опозиција, за едно такво решение, доколку дојде во Собранието, ќе се произнесе негативно.
– Доколку ставот на партијата не биде почитуван, ќе го преиспита своето учество во Владата. Јас бев информиран од премиерот Христијан Мицкоски за чекорите што тој планира да ги преземе и тие се веќе преземени на седница на Владата, без разлика што ЗНАМ се воздржа или не даде поддршка на едно такво решение – рече Димитриевски.
Одговарајќи на прашање дали по изборите во Брвеница, Вреди ќе добие помалку функционерски места, премиерот Мицкоски рече дека нема намера да отстапува од договореното при формирањето на владината коалиција во јуни 2024 година.
– Ова не е прашање на математика, туку на суштината на договорот постигнат при формирањето на коалицијата во јуни 2024 година. Немам намера да бидам жртва на дневната политика, затоа што зборот е збор. Договорот важи до 2028 година, кога се редовните парламентарни избори. Разговаравме со раководството на Вреди и одлучивме, откако ги дефиниравме другите позиции за важни државни прашања во периодот што следува, на работно ниво, преку кадровските партиски комисии, да ги кристализираме предлозите – изјави Мицкоски.
Тој потсети дека претходно го посочил октомври како рок за реконструкцијата, но дека поради многуте настани што се случиле, нејзиното завршување го очекува во ноември.
Премиерот изјави дека предложеното решение за полагање на правосудниот испит предвидува два дела. Теоретскиот ќе може да се полага на албански, турски или на англиски јазик, зависно од јазикот на кој кандидатот го завршил високото образование во Македонија, додека практичниот дел ќе биде исклучиво на македонски јазик и на кирилско писмо.
– Не постои таков правосуден испит што во целост се полага на албански јазик. Решението што е испратено до Венециската комисија предвидува испитот да се полага во два дела. Првиот е теоретски и ја опфаќа материјата од додипломските студии. Законот предвидува секој што го стекнал високото образование во Македонија на јазик различен од македонскиот да може да избере и овој дел од испитот да го полага на истиот јазик. Тоа се три опции: албански, турски и англиски јазик. Вториот дел опфаќа симулација на два судски процеса, кривичен и граѓански, и се полага на македонски јазик и на кирилско писмо – рече Мицкоски.
Тој се повика и на одлуката на Венециската комисија во врска со Законот за употреба на јазиците, оценувајќи дека таа јасно го утврдува принципот на употреба на македонскиот јазик во правосудниот систем. Според Мицкоски, правосудниот систем се темели на принципот на „лингва франка“, односно на единствен заеднички јазик на кој се водат судските постапки и се остварува владеењето на правото – македонскиот јазик и кирилското писмо. Премиерот упати критики до ДУИ, обвинувајќи ја партијата дека во текот на повеќе од 20 години учество во власта, со свои министри и функционери, не успеала да го реши проблемот, а сега ги напаѓа оние што се обидуваат да најдат решение. (Б. Ѓ.)












