Во рамките на есенската акција за збогатување на зеленилото, на повеќе локации во Општина Карпош ќе бидат насадени околу 180 нови високостеблести листопадни дрвја, со што дополнително ќе се зголеми зелениот фонд на Општината.
Дел од новите садници веќе го разубавуваат Карпош 4, на улиците „Вич“, „Струма“, „Волгоградска“, „Трифун Бузев“ и „Воденска“, како и дворот на спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ („Партизан“). Нови дрва се насадени и во Тафталиџе 1, во паркот кај маркетот „Зур“, на платото „Педагошка“, како и на булеварот „Партизански одреди“, број 129.
– Во рамките на есенската акција се садат различни видови дрвја, меѓу кои црн јасен, албиција и горски јавор. Садењето продолжува во Паркот на борците, на булеварот „Илинден“, кај „Млечен“ во Тафталиџе 1, а ќе заврши во населбата Влае – соопштија од Општина Карпош.












