Станува збор за ретроспективна изложба на македонското куклено творештво од историските почетоци во 1946 година, па сѐ до современите дизајни на Театарот за деца и младинци, со која се одбележува 80-годишнината од првата куклена претстава во Македонија, „Силјан Штркот“, изведена на 21 април 1946 година на сцената на МНТ. Поставката во Музејот на Македонија на авторката Љубица Велкова го прикажува фундусот на кукли кои се изработени и користени во голем број македонски куклени претстави, пред сè во ТДМ, но и во Албанскиот театар за деца и младинци, Турскиот, Велешкиот, Струмичкиот, Прилепскиот театар

Кукли во различни големини и бои, изработени како марионети или во реални човечки димензии, кои претставуваат ликови од познати детски куклени претстави како „Силјан штркот“, „Петар Пан“, „Малиот принц“ и многу други, можат да се видат на изложбата „Тивки актери, гласни приказни“ во Музејот на Македонија, која е отворена за посетителите до 29 ноември.

Како што вели за весникот ВЕЧЕР авторката Љубица Велкова, ова е ретроспективна изложба на македонското куклено творештво од историските почетоци во 1946 година, па сѐ до современите дизајни на Театарот за деца и младинци (ТДМ). Со изложбата се одбележува 80-годишнината од првата куклена претстава во Македонија, „Силјан Штркот“, изведена на 21 април 1946 година на сцената на МНТ. Поставката го прикажува фундусот на кукли кои се изработени и користени во голем број македонски куклени претстави, пред сè во ТДМ, но и во Албанскиот театар за деца и младинци, Турскиот, Велешкиот, Струмичкиот, Прилепскиот театар.

 

– Изложбата е резултат на моето повеќегодишно истражување на куклената уметност во Македонија. Станува збор за специфична уметност во која се сретнуваат вајарството, ликовната уметност, костимографијата и други вештини. Сега и електрониката се вклучува во изработката на куклите. Потребна е компилација од повеќе уметности за да се создаде една кукла, истакнува Велкова, истражувачка и театарски работник, со 35-годишен стаж во ТДМ и препознатлива по нејзиниот придонес во областа на куклената уметност.

Како што вели, нејзиното истражување започнало токму од првата македонска куклена претстава за која во 1946 година најзаслужна е Светлана Малахова, основоположник на куклената сцена во Македонија. Малахова ќе ги направи куклите и сценографијата за претставата „Силјан Штркот“, а ќе ги подучува и актерите како да ги анимираат куклите.

–  За Малахова имаше мали сознанија, само една фотографија и нејзиното име беше спомнувано во монографијата на Драмскиот театар. Моето истражување дојде до нејзиниот син Димитриј Малахов, кој живееше во Уфа, во Башкортостан, во Руската Федерација, и за жал, пред еден месец, почина. Убаво соработувавме и од него го добив поголемиот дел на материјалите. Историјата што ние, како институции, не сме си ја зачувале како што се првите плакати, фотографии од претставата… неколку се, ама ние ги немавме, вели Велкова.

Додава дека за изложбата била инспирирана од тоа што Скопје го има првиот куклен театар во институционални рамки во поранешна Југославија, но и од потребата да се заштити нашето куклено театарско наследство. Како позитивни примери ги посочи Театарот за деца во Бања Лука (Дјечије позориште Републике Српске), како и Државниот централен театар за кукли во Москва основан од познатиот руски актер и режисер, Сергеј  Обрасцов, институции кои го заштитуваат и чуваат кукленото наследство и изложуваат за јавноста, а не како нашите театри каде што куклите се чуваат по депоата и во подрумите.

Зборувајќи за спецификата на кукларството, Велкова објаснува дека куклата поседува сопствен естетски и емотивен карактер и пред да го започне својот сценски живот, пред воопшто да ѝ биде позaјмен глас.

– Тој внатрешен идентитет е обликуван уште во самата структура на суровиот материјал, преку имагинацијата на дизајнерот, уметникот во сенка, чија визија и мајсторство му втиснуваат душа на она што дотогаш било само нема и празна форма, вели таа која и самата е креатор на бројни кукли за претстави во ТДМ.

Истакнува дека на изложбата посебна скапоценост претставуваат и материјалите од телевизиските куклени серии од 60-тите и 70-тите години. Станува збор за куклените серии „Итер Пејо“ (1966) со дизајн на кукли на Петар Мазев, „Вини Пу“ (1974) во визуализација на Боро Пејчинов и „Јунак над јунаците“ (1976), каде што куклите се дело на Спасе Куновски, но и аматерскиот филм „Сите мои деца“ (1968), во режија на Константин Коце Митрев.

Но, вели, особено и заслужено место во рамките на изложбата имаа куклите со кои се раѓа куклената сцена во Театарот за деца и младинци, т. е. експонатите од првата куклена претстава на овој театар „Силјан штркот –  Шанца“, реализирани според визионерскиот дизајн на Лира Грабул, костимографското решение на Искра Димитрова и врвната изведба на Милан Јовановиќ.

– Освен тоа, посетителите имаат можност да ги видат и експонатите кои го дефинираа златниот репертоар на ТДМ. Овде се застапени дела на истакнати домашни и странски автори за куклен дизајн како Анѓелина Атлагиќ, Ѓорѓи Здравев, Марина Иванова, Хана Шварц, Силва Бачварова, Дилјана Парванова, Александар Ношпал, Кирил Василев, Надја Ковачоска. Прегледот на овие фотографии и кукли сведочи за институција која успеа да ја зачува искрата на пионерите, развивајќи ја куклената уметност до нејзиниот естетски врв, вели Велкова.

Но, нејзиното истражување сепак го открило целосното отсуство на кукли од периодот на некогашниот Куклен театар во Скопје (денешниот Драмски театар), институцијата која ги постави вистинските темели на куклената уметност кај нас, и која изгради светови во кои растеа генерации на деца.

– Овие изгубени уметнички артефакти денес претставуваат „алка која недостасува“ во хронологијата на македонскиот куклен театар. Со нивното исчезнување е прекината физичката нишка што требаше природно да го поврзе пионерскиот период на Светлана Малахова со подоцнежното раѓање на ТДМ. Овој празен простор треба да послужи како силен аларм и траен потсетник, дека куклената уметност не смее да биде третирана како спореден или минлив уметнички израз. Секоја изгубена кукла е изгубено уметничко дело од македонската ликовна ризница, неповратен дел од историјата на нашиот куклен дизајн, сценографија и вајарство, вели Велкова.

Изложбата е во продукцијата на театарот „Сенки и облаци“, куратор е Јасминка Намичева, а стручен соработник – Кирил Василев. (Н. И. Т.) Фото: Ѕ. Плавевски

ИЗДВОЕНИ