Во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, вчера беше пуштена во употреба новата детска градинка „Лавче“, во населеното место Инџиково, на територијата на Општина Гази Баба.
Градоначалникот Стефковски истакна дека се работи за објект што е со површина од 500 квадратни метри, има три занимални и е со капацитет да прими повеќе од 50 дечиња.

Тој информираше дека оваа година, во Општина Гази Баба се отворени две градини, едната во Трубарево и другата во Инџиково.
– Интензивно се гради и градинката меѓу Маџари и Ќерамидница, а до крајот на годинава ќе го поставиме и камен-темелникот на четвртата градинка во населеното место Сингелиќ – изјави Стефковски.
Министерот Велковски, пак, нагласи дека проширувањето на мрежата на детски градинки е дел од националната стратегија за надминување на листите на чекање и за зголемување на опфатот на деца во предучилишното образование.
– Повеќе од 1.400 деца дополнително се внесени во системот на детска заштита во изминатите две и пол години. Проектот што го нарекувавме „40 градинки“ веќе преминува во бројка од 50, бидејќи континуирано ја зголемуваме програмата на капитални инвестиции – рече Велковски.
– Кога се пушта во употреба ваков проект, тоа значи дека има повеќе среќа, повеќе радост, повеќе убави моменти, пред сè за најмилите, за дечињата и нема како да ја скрие човек емоцијата, бидејќи ова, за мене, се навистина прекрасни моменти. Проектите што ги почнавме уште при самото формирање на Владата во јуни 2024 година, полека, но сигурно добиваат своја смисла, односно, еден по еден, се завршуваат и се пуштаат во употреба – изјави премиерот Мицкоски, нагласувајќи дека и во иднина ќе се продолжи со испорачувањето проекти.
(А. П.)












